Петровска на Криволак: Нашето единство во НАТО е нашата сила

Макфакс

29/05/2023

14:44

1.075

Големина на фонт

а а а

Брзите промени бараат брзи и одлучни одговори, а за нив мора да сме подготвени заедно со нашите сојузници, зашто нашето единство во Алијансата е нашата сила, истакна министерката за одбрана, Славјанка Петровска од Денот за високи гости на вежбата „Брз одговор 23“ на армискиот полигон „Криволак“.

„Во НАТО чекориме рамо до рамо, обединети со прогресивните сили на светот и нашиот стратешки партнер САД, подготвени да одговориме на заканите без оглед од каде доаѓаат. Со оваа вежба испраќаме неколку силни пораки – дека придобивките од сојузништвото во НАТО се пред сè за граѓаните, дека нашата земја е подеднакво голема и важна колку секој од сојузниците и дека солидарноста е клучот на успехот и напредокот, особено во тешки времиња“, рече Петровска.

Министерката порача дека силата е во различностите и дека секој успех е заеднички, и на сојузниците со кои работиме и на граѓаните за кои работиме, и додаде дека секоја инвестиција во Армијата е инвестиција во нашата безбедност.

„Ова се моменти кога со гордост велам дека македонската Армија е НАТО армија, моменти кои потврдуваат дека инвестицијата и во опрема и во човечки ресурси во Армијата е инвестиција во заедничката иднина и е гаранција за нашата колективна безбедност“, заклучи Петровска.

Министерката им се заблагодари на припадниците на македонската и сојузничките армии и им честиташе за покажаната професионалност, посветеност и заедништвото кое го покажаа изминатите денови.

Премиерот Ковачевски кажа дека со нашето членство во НАТО, Република Северна Македонија не е повеќе објект на гео-политичката сцена, туку субјект кој активно учествува во носењето на одлуки од светско значење, заедно, на иста маса со светски супер сили.

На Денот за високи гости, припадниците на вооружените сили на Северна Македонија, САД, Албанија, Црна Гора и Косово изведоа вежба насловена „Мултинационална чета во напад, подржана со артилериска, воздушна и противоклопна поддршка“.

Во рамки на вежбовната активност, употребено беше роботизираното софистицирано возило т.н. „Project Origin”, кое е во пробна употреба на Армијата на САД и кое за прв пат во вежбовни услови тестираше испалување на противоклопна ракета од типот „Javelin“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг