Бунтовноста и отпорот на Арачиновци кон подмирувањето долгот на „ЕВН“ надалеку се прочуени.
Имено, поединци од селото повторно сами се приклучуваат во мрежата и ги оставаат останатите жители без струјa, објавија Плусинфо.
Од Плусинфо пишуваат дека добиле информации од жителите на Арачиново, како дел од мештаните ги напаѓале и не дозволувале на екипите на „ЕВН“ да работат. На своја рака се приклучувале во мрежата и предизвикувале дефекти, па на тој начин останатите жители од селото ги оставале без напојување.
Токму денес се случил таков проблем повторно. „Неофицијално лицата Ф.А., А.М., А.Ќ. и други не дозволуваат да им се постават броила и им се закануваат на вработените на ЕВН, се со цел за да може да продолжат со стариот начин на функционирање и кражби. Mинатата година во Арачиново се одржи средба со претставници на Владата кои заедно со претставници од Општината се договорија со мештаните да се сврти нов лист и да се подобри имиџот на селото. Сепак, изгледа целиот овој труд на владата некои жители го множат со нула“, вели извор на порталот.
- Од друга страна, од Алсат, пак, известуваат дека големиот долг поради неплатените сметки за електрична енергија од страна на претпријатието за водовод во Арачиново ги остави жителите на оваа општина повторно без вода за пиење.
Ова се дел од изјавите на селаните за Алсат:
“Многу тешко без вода. Фала од ваша страна што се интересирате за нас, ви благодарам многу, но тие не мислат на нас… Без вода е многу тешко за едно семејство. Многу е тешко без вода. Треба да одиш некаде да наполниш со автомобил, некој нема автомобил…
„Проблемот е во самите селани, ние самите треба да станеме. Нема струја таму каде што има вода. Ние ја плаќаме водата, но кој знае што прават таму….
Градоначалникот на Арачиново, Ридван Ибраими, изјавил дека проблемот со водата за пиење ќе трае се додека не постигнат договор со ЕВН, долгот да го платат на рати на начин да може да го издржи буџетот на општината.
„Иако ми понудија неколку рати, тие рати се неиздржливи, јас побарав да ни се олесни тој финансиски товар, за кој сум заинтересиран да го понесам, но толку колку што можам, бидејќи во минатото имаше договор, во 2020 и 2021 година имаше договор, но тие не се придржуваа кон тие договори“, кажал Ибраими. Според Ибраими, понудата за исплата од страна на ЕВН била финансиски неиздржлива, па затоа тој замолил за разбирање со цел да се најде трајно решение, а не краткорочно.