Од претходната власт наследивме урбана пустош, дивеење на инвеститори, Аеродром се движи по нова траекторија, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Макфакс

18/07/2025

18:46

169

Големина на фонт

а а а

Изјавата на СДС е уште еден обид за дефокус и манипулација од страна на партија која во претходните 4 години не направи ништо за Аеродром, освен бетон и хаос. Граѓаните добро паметат – од претходната власт наследивме урбана пустош, дивеење на инвеститори и нула транспарентност, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ откако од страна на СДСМ изјавија дека Општина Аеродром е жртва на неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски и Дејан Митески.

Денес, според партијата на власт, Аеродром се движи по нова траекторија.

„Со нова инфраструктура, проекти во образованието, социјалната заштита и реални инвестиции. Работиме секојдневно, транспарентно и во интерес на граѓаните. За прв пат во Аеродром во исто време се градат училиште, детска градинка и спортска сала. Паралелно на тоа се реализираат многу инвестиции во патната и водоводна инфраструктура, зеленилото, спортската и детска инфраструктура.

Аеродром повеќе не е бетонска џунгла, напротив, статистички гледано се градат за 80% помалку згради во овој мандат. За првпат спроведовме деурбанизација, односно избришавме маркици за згради и ги пренаменивме во паркови“.

Според ВМРО-ДПМНЕ, и покрај тригодишната блокада од владата на СДС, сепак во Аеродром се реализираат проекти како никогаш досега.

Оценуваат дека заврши времето на СДС кога една даска чинеше илјадници евра, еден кош како цела спортска сала.

„Заврши времето на СДС кога со изградба на згради се грижеа за тревата, како онаа кај Мајчин дом.

СДС очигледно не ја научија лекцијата после катастрофалните порази на изборите и пораката дека аеродромци не сакаат празни зборови, туку дела и проекти.

Граѓаните не сакаат враќање на старата неработа“.