„ABBA“ не сака да настапи на Евровизија во Шведскa: „Кога некој ќе каже „не“, тоа значи не“

Точка

25/05/2023

18:19

5.161

Големина на фонт

а а а

Бени Андерсон и Бјорн Улвеус ја отфрлија можноста за обединување на членовите на „ABBA“ на Евросонг во својата родна Шведска идната година, кога ќе се прослави 50-годишнината од победата на популарниот бенд на овој натпревар со песната „Waterloo“.

Во интервју за британскиот „BBC Newsnight“, тие ја отфрлиле можноста за излегување на сцената со колешките Агнета Фелтског и Ани-Фрид Лингштад за таа прилика. Швеѓанката Лорин победи на овогодишното издание на Евровизија во Ливерпул, што значи дека нордиската земја ќе биде домаќин на натпреварувањето следната година.

„Не сакам и ако јас не сакам, тие нема да се појават. Истото важи за четворицата – кога некој ќе каже „не“, тоа значи не“, изјавил Андерсон. „Можеме да прославиме 50 години „АBBA“ без нас на сцената“, додал Улвеус.

Основана во 1972 година, групата „ABBA“ доби легија од обожаватели во светот по триумфот на Евросонг во 1974 година и своите вечни хитови како „Dancing Queen“ и „Fernando“. Четворката која се раздели кон почетокот на 80-те години продаде околу 385 милиони плочи.


Во Лондон минатата година се одржа концертот „ABBAtar“ со дигитални аватари на членовите на бендот во нивната верзија од 70-те години на минатиот век.