Научниците во Ново Мексико на мртви птици им даваат нов живот со неконвенционален пристап на истражување на дивите животни така што препарирани птици претвораат во дронови за да го проучат нивното летање. Д-р Мостафа Хасаналиан, професор по механички инженеринг од Институтот за рударство и технологија во Ново Мексико, кој е лидер на проектот, открил дека вештачките, механички птици, не ги дале резултатите кои ги барал.
„Дојдовме до идеја да употребиме мртви птици и од нив да направиме дронови“, изјавил тој.
„Се е тука … работиме на обратен инженеринг“, додава тој.
Дроновите од препарирани птици моментално се тестираат во наменски изграден кафез на универзитетот и може да се користат за подобро разбирање на формирањето и летот на јатата. Тоа може да се примени на воздухопловната индустрија, рекол Хасаналиан.

„Ако научиме како овие птици управуваат со енергијата меѓу себе, можеме тоа да го примениме во иднина во воздухопловната индустрија за да заштедиме повеќе енергија и гориво“, рекол тој.
Научникот Брендан Херкенкоф од „New Mexico Tech“ го фокусира своето истражување на бојата и ефикасноста на летот. Додека многумина мислат дека бојата на птицата е начин на привлекување на партнерот или камуфлажа, Херкенхоф проучува како бојата влијае на ефикасноста на летот.

„Спроведовме експерименти и утврдивме дека за нашите авиони со фиксни крила примена на одредени бои може а ја промени ефикасноста на летот. Веруваме дека истото важи и за птиците“, рекол тој.
Прототиповите од препарирани птици летаат најмногу 20 минути, па следната фаза е да се пронајде начин да летаат подолго и да се направат тестови во дивината меѓу живите птици, рекол Хасаналиан.








