„Не можеме да останеме на страна“: Колкава е паниката во Европа по средбата меѓу Путин и Кси Џинпинг покажуваат потезите на лидерите на ЕУ

Точка

29/03/2023

23:31

4.842

Големина на фонт

а а а

Во услови на зголемена загриженост дека кинескиот лидер Ши Џинпинг ја засилува својата поддршка за руската војна во Украина, шпанскиот премиер Педро Санчез најави дека ќе отпатува за Пекинг на разговори оваа недела. Францускиот претседател Емануел Макрон ќе тргне на подолго планираното патување на 4 април.

Низа лидери на Европската унија го искористија самитот во Брисел за да предизвикаат тревога поради поддршката на Кина за Владимир Путин минатата недела, предупредувајќи дека не можат да стојат на страна додека Пекинг и Москва го зацврстуваат сојузот што ризикува да го втурне светот во подлабока криза.

Нивната загриженост уследи по посетата на Ши на Москва, која ја зацврсти позицијата на неговиот долгогодишен пријател Путин.

За време на приватната седница во Брисел, Макрон ги повика своите колеги да ги удвојат напорите за да ја спречат Кина да ја продлабочи својата поддршка за руската инвазија.


„Францускиот претседател ја подвлече потребата да се вложат најголеми напори за да се осигури дека Кина не ја поддржува Русија и нејзината способност да ја продолжи војната“, изјави претставник на ЕУ за Политико.

Влогот е голем за Европа и за светот. Посилното партнерство меѓу Кина и Русија би ризикувало украинската војна да ескалира во конфликт меѓу владите на НАТО и Пекинг, како и Москва. Потоа, постои закана од воен конфликт меѓу Пекинг и Вашингтон околу Тајван, за кој западните аналитичари велат дека е под зголемен ризик од инвазија од страна на кинеските сили.

Дури и без воена ескалација, тензиите меѓу Пекинг и Западот се зголемуваат околу безбедноста и трговијата. Во последниве недели, голем број европски влади воведоа ограничувања за кинеската апликација TikTok, поради загриженоста дека доминацијата на Пекинг во технологијата претставува безбедносен ризик за Западот.


Во исто време, владите на ЕУ подготвуваат планови за ограничување на нивната зависност од Кина за критичните суровини, како што е литиумот за батериите на електричните автомобили.

Зборувајќи за медиумите за време на самитот во Брисел, летонскиот лидер Кришјанис Каринш ја опиша средбата меѓу Ши и Путин во Москва како „отворање очи за Европа“.

Состанокот, рече тој, покажал дека „Кина не ја презема улогата на посредник, туку отворено се движи на страната на Русија и дека тоа претставува тешкотија за сите нас“. Каринш додаде дека Пекинг има водечка позиција во односите со Русија, но останува нејасно каде сакаат да ги водат тие односи.

Литванскиот претседател Гитанас Науседа и шведскиот премиер Улф Кристерсон, исто така, изразија загриженост за можноста Кина да обезбеди конкретна поддршка за Русија, изјавија двајца дипломати вклучени на самитот во Брисел.


Во меѓувреме, Санчез потврди дека ќе се сретне со Ши во Кина. Шпанските власти соопштија дека ќе разговараат за позицијата на Кина за Украина. Шпанија ќе го преземе претседавањето со Советот на ЕУ од Шведска кон крајот на оваа година.

Додека лидерите на ЕУ изразија страв од поблиски врски меѓу Москва и Пекинг, во Брисел немаше консензус за тоа дали блокот како целина треба да усвои нов пристап кон Кина.

Луксембуршкиот премиер Ксавиер Бетел повика на продолжување на соработката со Пекинг во обид да се приближат Кинезите до Европа.


„Можеби ќе ни треба Кина еден ден“

„Кина не е совршена, но еден ден можеби ќе ни треба. Неколку земји-членки ја делат оваа оценка“, изјави еден претставник на ЕУ.

Други, сепак, се чини дека поддржуваат построга линија кон Кина со оглед на најновата ситуација.

Емануел Бон, дипломатскиот советник на Макрон, разговараше во четвртокот со високиот кинески дипломат Ванг Џи.

„Кина очекува Франција и другите европски земји да играат улога во барањето на политичко решение“, изјави Ванг.

За време на неговата посета на Москва оваа недела, Кси јавно не вети воена поддршка на Русија. Сепак, американските власти предупредуваат на подготвеноста на Пекинг да обезбеди смртоносна помош за Москва. "Politico" објави дека 1.000 јуришни пушки и друга опрема што може да се користи за воени цели биле испратени во Русија од кинески компании.




Спонзорирани линкови

Маркетинг