Зеленски: Ако го изгубиме Бахмут, ќе ме натераат на компромис со Русија

Точка

29/03/2023

21:01

3.381

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, предупредил дека Русија, доколку Украина не победи во борбата за Бахмут, би можела да почне да бара меѓународна поддршка за договор кој од Украина ќе бара да направи „неприфатливи компромиси“.

„Ако Бахмут падне во рацете на руските сили, Владимир Путин би ја продал таа победа на Западот, на својот народ, на Кина, Иран“, рекол Зеленски во интервју за „AP“.

Тој со новинарите на „AP“ разговарал во воз кој одел преку областите ослободени од руските сили. Украина успеа да го задржи главниот град Киев и да ја потисне Русија од другите стратешки важни области, пренесува „VOA“.

Зеленски исто така е свесен и дека успехот на неговата земја во голема мерка е последица на меѓународната воена поддршка, посебно од САД и Западна Европа.


„САД навистина разбираат дека, ако престанат да ни даваат помош, нема да победиме“, рекол тој во интервјуто.

Зеленски неодамна го посети Бахмут, град на истокот на земјата околу кој се водат жестоки битки и се очекуваат офанзива и контраофанзива. Тој предупредува дека пораз на војската на било кој дел од фронтот би можел да ја загрози целата борба.

„Не смееме да изгубиме во ниеден чекор бидејќи војната е збир од мали победи, мали чекори“, рекол претседателот на Украина.

Како што наведува „VOA“, коментарите на Зеленски би биле прознание дека губењето на седумесечната битка за Бахмут, најдолга во војната досега, би бил поскап политички отколку тактички пораз.


Тој предвидел дека притисокот од пораз во Бахмут би дошол брзо – како од меѓународната заедница, така и внатре во земјата.

„Општеството ќе се чувствува уморно, ќе ме натераат да направам компромис со нив“, вели Зеленски и додава дека засега не го чувствува тој притисок и дека добива поддршка од меѓународната заедница.

Зеленски не предвидел како ќе заврши војната, но вели дека е уверен дека Украина ќе успее со низа мали чекори да издејствува победа. Тој исто така смета дека војната ги направила Украинците посилни.