Лекарите тврдат: „Од шеќер 19-ка не се умира“ - од што почина тогаш 6-годишната Јана?

Точка

24/03/2023

14:00

6.017

Големина на фонт

а а а

Веста за починатата 6-годишна Јана од Битола ја вознемири јавноста, особено откако таткото на малото девојче обелодени дека, според анализите на крвта, таа имала шеќер 9, а потоа ѝ дале и гликоза со инфузијата со што шеќерот дополнително се покачил на 19, по што починала.

Причините за смртта ги коментираат и лекари на социјалните мрежи.

Докторот Ненад Лазаров во статус на Фејсбук вели: „Од гликемија 19 не се умира акутно“, а на објавата се надоврзаа и негови колеги лекари кои ја коментирале состојбата:


„Не се умира од гликемија, но се умира од кетоацидоза. Тешка загуба е тоа, сочувство до родителите, но компликација на хипергликемија во детска возраст, акутна состојба каде се јавува и инсулинска резистенција има ваква компликација“.

Со ова се сложуваат и други лекари.

„На дијабетски хиперосмоларен синдром помислив прво“, напишал еден лекар, а д-р Лазаров на тоа одговорил:

„Тоа е причината претпоставувам. Тоа се ургентни состојби во детска возраст кои може да завршат со егзитус за жал“.


Сепак сите се сложни дека треба да се почека обдукцијата да ја покаже точната причина за смртта по што ќе се знае дали се работи за лекарска грешка или не.

Додека се „чешла“ случајот и се чекаат резултатите, со краток коментар излегоа и министерот за здравство, Фатмир Меџити и премиерот Димитар Ковачевски.

„Постапивме штом слушнавме. Таму веќе се инспекциските служби и кога ќе имаме информации ќе ги објавиме. Со семејството не сме контактирале, ќе го контактираме наскоро“, рече министерот Меџити.

„Разговаравме и вчера и утрово со министерот за здравство. Тука е и директорката на ДЗСИ, а веќе е отпочнат и вонреден надзор за тоа што се има случено во Битола. Директорот на битолската болница веќе е на пат за Скопје каде што ќе има состанок и со министерот и со заменик министерот за здравство, а дополнително информирано е и Јавното обвинителство во однос на овој случај, рече премиерот Ковачевски.


Шестгодишно девојче од битолското село Кравари, вчера почина на Детското одделение во Клиничката болница во Битола. Девојчето било донесено во болница околу 10 часот со симптоми на настинка, покачена температура и дијареа. Било примено на Педијатрија, каде што според информациите му била дадена терапија и инфузија. Состојбата на детето нагло се влошила и околу 14 часот починало.

Со оглед на фактот дека детето починало во болница веднаш е наредена обдукција, пренесува „А1он“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг