Инстаграм приказна на Теодора Ежовска: „Танцот е медиум преку кој се остварува длабока конекција и спознавање на самиот себе“

Точка

22/03/2023

23:19

6.302

Големина на фонт

а а а

Во денешната Инстаграм приказна ќе Ви ја претставиме девојката која е вљубена во танцот – дипломиран танчар и педагог по современ танц.

Станува збор за младата Теодора Ежовска која е родена во Струга, а како што вели твори во Скопје, на Балканот и пошироко во Европа.

Теодора е успешна танчарка која има земено учество на многу интернационални фестивали, како што се „Improdance Fest“ во Истанбул, „Сврх“ во Сараево, а на фестивалот за кореографски минијатури во Белград ја освоила третата награда за нејзината изведба и дело „The circle is not round“.

Теодора, искрено за танцот: „Тој претставува медиум со кој се остварува длабока конекција и спознавање на самиот себе и преку него може најдобро да се изрази емоционалната и телесната експресија. Телесното движење „movement“ е средство кое му припаѓа на секое човечко битие независно од парадигмите на естетиката“.

Да ја запознаеме Теодора Ежовска преку 5 нејзини фотографии на Инстаграм:

1. „Краток танцов филм „Body of water, body of land" ко-креација заедно со Христина Трајкоска, проект кој има посебно место во моето срце и кој се случи толку спонтано во мојата родна Струга, сработено со многу љубов и пасија. А, најслатко е кога ова искуство го делиш со твоја драга пријателка“.

2. „Работилница на познатата кореографка Јошико Чума во Истанбул, метод на работа каде преку призма на телефонска камера се става во рамка определено движење. Искуство кое за мене отвори нови перспективи на визуализација“.

3. „Работилница во Битрих Културен Центар, каде што бев дел од тимот на инструктори две и пол години до 2021година. Споделувањето на знаење претставува огромна одговорност како и задоволство и привилегија да се воочи како танцот кореспондира со другите млади танчари и начин на нивно изразување“.

4. „Корео-драма „Столче за разговор“, кореографија на Ивана Балабанова. Едно од моите подраги искуства и проекти, кое ми овозможи да излезам надвор од мојата комфор зона на користење на движењето и гласот како инструмент“.

5. „Една од сериите фотографии „уловени“ од струшкиот фотограф Гоце Цветков. Не знаевме што да очекуваме од оваа фотосесија затоа што се случи спонтано, но исходот беше едно убаво искуство, а оваа фотографија е една од моите омилени од таа серија“.

Автор: М. Нестороска