„Не е искрено, проблемот и натаму постои!“, велешанката со ивалидитет по реакциите доби извинување оти ја казнија

Макфакс

18/03/2023

14:29

3.932

Големина на фонт

а а а

Велешанката Билјана Гаврилова-Станковска, лице со инвалидитет, која беше казнета оти не смеела да паркира на место за инвалиди бидејќи не е од Скопје, добила извинување од директорот на „Градски паркинг“, Крсте Петревски.

Гаврилова-Станковска, сепак цени дека извинувањето не е искрено бидејќи проблемот е институционален и истото било дадено дури откако ситуацијата беше јавно објавена. Велешанката за „Макфакс“ вели дека ова е добиена битка, но не и војна. Вакви искуства имале многумина и претходно, но решиле да молчат.

„Ако ме прашувате стрикно за ситуавијава, во моментов ова е само една битка добиена во ‘војната’,со оглед на тоа што како и сами пишавте допре до многу институции, но не може да се каже дeка е финална победа се додека не се измени главната цел, а тоа е правилникот на ЈП ‘Градски паркинг’ изгласан од советот на Град Скопје“, вели Гаврилова-Станковска.

Таа додава дека не е единствената која поминува низ вакви проблеми, па додава: „Ги има многу, но не сакале или немале храброст да го напишат тоа низ што преживеале“.

„Добив извинување,точно е од директорот на ЈП Град Скопје после некои 5 часа од инцидентот. А што се однесува до тоа дали мислам дека ќе беше добиено извинување, ако не публикував – мислам дека не. Понесена од претходни искуства каде што никогаш никој не се извинил, иако се правеле грешки, решив јавно да си кажам низ се што поминавме тие некој саат време“, посочува Билјана Гаврилова-Станковска за „Макфакс“.

Сепак, го цени извинувањето и брзата реакција од директорот на „Градски паркинг“.

Ценејќи дека проблемот е институционален, и веќе подолг период лицата со инвалидитет се соочуваат со овој истиот, ценам дека извинувањето не е искрено. Директорот на институцијата, како засегнато лице се извини лично, и тоа го почитувам за неговата брза реакција. Но повторно ќе потенцирам, мојот случај не е прв изминатиот период и за тоа се решивме да се обратиме јавно преку социјалните медиуми. .Јас кажав и пак ќе кажам,бевме заедно со сопругот кој исто така е лице со инвалидитет, заедно поминавме низ голготата, дискриминацијата, непочитување и така натаму. Секако дека нема да застанаме тука. Како ќе се одвива текот на дејствието ќе кажам откако ќе бидат информирани сите засегнати институции“, додава таа.

Гаврилова Станковска беше казнета пред два дена. Со сопругот дошла во Скопје. Паркирала на место за инвалиди и платила паркинг. Кога се вратила, ја дочекал блокатор. Ги побарала вработените од „Градски паркинг“ кои и наложиле дека треба да плати казна бидејќи не смеела да се паркира на означеното место, иако е лице со инвалидитет, бидејќи не е од Скопје туку од Велес. Случајот беше проследен со лавина реакции од јавноста и барање за одговорност.



Спонзорирани линкови

Маркетинг