НАСА претстави прототип на новото вселенско одело за на Месечината

Точка

16/03/2023

09:50

10.611

Големина на фонт

а а а

Американската вселенска агенција НАСА во средата, 15-ти март, во вселенскиот центар Џонсон во Хјустон го претстави прототипот на новото вселенско одело за астронаутите кои ќе патуваат и одат по Месечината.

Во соработка со НАСА оделото го развила приватната компанија „Axiom Space“.

Новото лунарно одело има поголема флексибилност и топлинска заштита од тоа што го носеле астронаутите од Аполо, кои први чекореле по Месечината пред повеќе од 50 години.

Оделото е под притисок и има повеќе слоеви на заштита, ранец со систем за одржување во живот и светла и видеокамера поставена на врвот на кацигата.

НАСА сака да ги врати Американците на Месечината со програмата Артемис до крајот на 2025-та година.

Последната мисија на програмата Аполо е завршена во 1972-ра година. Од Месечината НАСА планира патување на Марс.

„Axiom Space“ доби 228,5 милиони долари за дизајн на оделото. Главниот инженер на компанијата, Џим Стеин прошетал по бината во оделото во средата за да покаже колку движење дозволува.

Тој претставил одело во црна боја, но конечната верзија ќе биде бела, како таа што ја носеле астронаутите од Аполо. Белото одело ќе се користи поради рефлексија на сончевата светлина, со оглед на тоа дека Месечината нема заштитна атмосфера како Земјата.

Во ранецот има опрема која на астронаутите им овозможува преживување, слично како и кај нуркачите. Со новото одело ќе може постојано да се оди по Месечината до осум часа.

Изолацискиот слој од разни ткаенини ги штити астронаутите од големите температурни осцилации на Месечината, а надворешниот слој е дизајниран да се спротивстави на прашината и камењата кои може да летаат наоколу.

„Немавме ново одело од тоа што го дизајниравме за ракетите и сè уште се користи на Меѓународната вселенска станица, а минаа 40 години“, рекла директорката на „Johnson Space Center“, Венеса Вајч.

НАСА на 3-ти април ќе ги објави имињата на четворицата астронаути за мисијата „Артмис 2“. Првата мисија Артемис е завршена во декември кога капсулата „Орион“ без човечки екипаж безбедно се вратила на Земјата по 25-дневно патување околу месечината.