Мицкоски: Разочарани сме што Гоце Делчев се слави како во воени времиња, со хеликоптери

Макфакс

04/02/2023

11:08

2.121

Големина на фонт

а а а

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека го чествуваме Гоце Делчев како заробеници во сопствена држава. Според него, се случува „примитивна естрадна политика“. Тој посочи дека од една страна е горд, од друга разочаран поради ваквото чествување на Делчев.

„Чуден ден е денеска. Две чувства имам кај мене. Првото е почитта кон македонецот Гоце Делчев за тоа што го направил за македонскиот народ. Ние сме горди што имаме еден таков човек да го славиме и е дел од нашата историја и нашиот историски ген. Тоа е чувство на задоволството и среќа кај секој Македонец. И второто е чувството на разочараност, кое го имам чекорејќи од првата кон втората барикада до оваа црква. Наместо да се зближуваме и да се зголемува пријателството ние сме подалечни од било кога. Пред 68 месеци ветуваа живот, дека Македонија ќе ја однесат во Европа, денеска сме по нивото на корупција со Тунис. Денес имате безбедносни мерки од прв степен, хеликоптери надлетуваат како во воените времиња“, посочува Мицкоски.

Тој објасни дека ќе има повеќе делегации од ВМРО-ДПМНЕ. Протоколот налагал да доаѓаат една по една на гробот на Гоце Делчев.

Мицкоски до бугарските новинари: Вашите политичари стануваат естрадни циркузанти и нѐ вратија во среден век

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски посочи дека не гледа проблем Бугари да дојдат и да го слават Гоце Делчев, но не како бугарски револуционер туку како македонски. Ова го порача од пред црквата Свети Спас каде со делегација од ВМРО-ДПМНЕ положи свежо цвеќе. Одговарајќи на прашања од бугарски новинари им порача дека нивните политичари се естрадни циркузанти.

„Вашите политичари не враќаат во средниот век, а не нѐ носат во 21 век. Наместо да зборуваме за вештачка интелигенција, размена на технологии, тие не враќаат во средниот век. За да соберат ситни поени, бугарските политичари кои за да соберат ситни политички поени се прават себеси тоиа што не треба да се прават. Тие стануваат естрадни циркузанти од политичари“, рече Мицкоски.

Тој на новинарите од Бугарија им посочи: „Пријателите можете да ги бирате, соседите не можете“.

„Треба сите да се почитуваме ако сакаме да градиме добри односи. Со негирање на македонскиот јазик, култура, вие не можете да ги почитувате. Па доколку тие одлучиле да го слават Македонецот Гоце Делчев не гледам зошто би имало проблем. Ние сме мирољубив народ, секој што доаѓа со добра мисла, го почитуваме и очекуваме да нѐ почитува“, додаде Мицкоски.