WWF: Ако не ги промениме навиките, морето набрзо ќе биде празно

Точка

30/01/2023

17:47

1.213

Големина на фонт

а а а

Популацијата на риби драстично опаѓа поради претераниот риболов, фрлањето на пластика и другите штетни навики, предупреди денеска Светската организација за заштита на природата „WWF“.

„Морињата, океаните и реките отсекогаш сме ги користеле како извор на храна и други ресурси, а денес ги искористуваме дури пет пати повеќе отколку пред 50 години“, предупредува „WWF“ во новата кампања „И на морето му е потребен одмор“.

Многу популации на риби веќе се драстично намалени, а нивниот број и натаму опаѓа. Освен тоа, другите морски суштества, како морски желки и китови, исто така се во опасност, бидејќи намалениот рибен фонд значи дека наскоро ни тие нема да имаат доволно храна.

Експертот за морски биодиверзитет во „WWF Adria“ Патрик Крстиниќ истакнува дека драстично се намалува бројот на видови на риби и бројот на популацијата на одредени видови во морето.


„Време ни снемува, а за овој проблем веќе не е доволно да се разговара, мора итно да делуваме. Опстанокот на морските животни е доведен во прашање, како и егзистенцијата и квалитетот на животот на многу луѓе“, порачува Крстиниќ.

Предупредува дека ако не ги промениме навиките, од алатите кои ги користат рибарите до нас кои ја јадеме рибата, би можеле да завршиме со повеќе пластика отколку риба во морето. „И тоа многу пред 2048 година, која научниците ја означија како критична кога се работи за состојбата на морето“.

Веќе за нашиот животен век, додава тој, би можело да се случи да немаме доволно риба за прехрана. Веќе сега ценовно рибата на многумина им е недостижна, токму затоа што ја има се помалку, вели тој.


Во „WWF“ истакнуваат дека се посветени на заштитата на морињата низ целиот свет. За да се обезбеди одржливо управување со морските ресурси, нивните експерти блиску соработуваат со рибарите, локалните и европските институции, како и други невладини организации.

Големите морски површини со векови се сметани за неисцрпен извор на храна и други ресурси, а сега, истакнуваат во „WWF“, знаеме дека 35% од глобалните риболовни ресурси се прекумерно искористени, а дури 63 проценти на ниво на Средоземното и Црното море.

„WWF“ работи на промената на тој тренд со воспоставување на „зона без риболов за морињата и рибите да закрепнат“.




Спонзорирани линкови

Маркетинг