Мијалков и Тачи и добија по две години затвор за изборните нерегуларности во „Титаник 2“

Макфакс

23/01/2023

13:45

2.386

Големина на фонт

а а а

Судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани одново го пресудија предметот „Титаник 2“ кој се однесува на изборни нерегуларности сторени на изборите во 2013 година. Судот ги ценел сите олеснителни и отежителни околности и ги огласи сите осомничени за виновни.

На повтореното судење, ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков е осуден на казна затвор од две години. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, исто така доби казна затвор од две години.

Од ексчленовите на ДИК, кои добија преквалификација на дело и сега се гонат за повреда на избирачко право, на Бедредин Ибраими му е изречена казна затвор од две години, исто како и Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анита Стефановска кои добија казна затвор од две години.

„Судот е на мислење дека никогаш и никаде, не смее неправото да биде над правото. Обвинетите направиле директна повреда на изборното право во интерес на своите партиски интереси, со директна и умислена повреда“, меѓудругото кажа судијата Ставрев.

Сашо Мијалков, беше спроведен на судењето со доцнење од половина час од страна на затворските полицајци од затворот во Струга. Во судницата беше присутен и неговиот син Александар Мијалков.

Сите обвинети и на повтореното судење негираа вина. Сашо Мијалков и Мендух Тачи се гонат за поттикнувачки дејствија, додека ексчленовите на ДИК дека поништиле гласање по нивна насока. Очекуваа дека обвинителот Гаврил Бубевски ќе го повлече обвинението бидејќи според нив е неиздржано, а откако тоа не беше направено, очекуваа судиите Ставрев и Шабани да донесат ослободителни пресуди.

Апелација ја укина пресудата во декември 2019 година. Од тогаш до декември 2022 година предметот се суди уште во Кривичен суд. Ова би значело дека е скоро невозможно за четири месеци, пред делото на Мијалков да застари, да се донесе правосилна одлука судска одлука.

Во предметот „Титаник 2“ извесно е застарување на делото „примање награда за противзаконито влијание“ за кое е обвинет Мијалков, веќе во април годинава. Ако Апелација не донесе одлука за овој предмет до април, Мијалков ќе биде ослободен од вина. За останатите обвинети меѓу кои и Тачи, делата не застаруваат во скоро време.

Пресудата ќе ја доживее истата судбина како и претходната, предвидува адвокатот на Мијалков

Љупчо Шврговски, адвокат на Сашо Мијалков, по новата осудителна пресуда за неговиот клиент со казна затвор од 2 години предвиде дека ќе ја доживее истата судбина како претходната која беше укината од апелација.


Тој смета дека не се испочитувани ниту едно од напатствијата дадени од повисокиот суд а кои беа причина предметот да се врати на ново судење.

„Законот вика дека одлуката на управниот суд, правосилната одлука има сила на закон. Како може вие со обвинение да дерогирате одлука на Управен суд, а притоа не сте докажале надвор од разумно сомнение дека одлуката на Управниот суд е сторена со кривично дело од страна на судиите кој што одлучуваат.

Ако ја следите хронологијата на настаните ќе видите дека до сега ниту едно единствено рочиште не е одложено по барање на одбраната или одбраната била причина или обвинетите за одлагање на овој предмет. Видете во колку наврати овој предмет е одлаган по 3-4 месеци и од кого е одлаган, дали одбраната е виновна за тоа или некој друг. Сепак ќе треба судскиот совет да го разгледа овој предмет за да види која е причината што овој предмет трае толку долго.

Затоа тоа е надвор од памет дека ние сакаме или купуваме време. Тука нема дело. Самата пресуда на Апелациониот суд јасно кажува дека тука нема дело за ниту еден од обвинетите“, вели Шврговски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг