Татјана Патиц, супермодел и членка на славната петорка покрај Наоми Кембел, Синди Крафорд, Линда Еванџелиста и Кристи Тарлингтон, почина на 57-годишна возраст.
Магазинот „Vogue“ прв извести за нејзината смрт, а причината сè уште не е позната.
Убавата Татјана, која е родена во Хамбург, беше позната по соработката со „Vogue“ како и по главната улога во музичкиот спот на Џорџ Мајкл од 1990 година, „Freedom“, во кој се појави со остатокот од славната петорка супермодели.
„Татјана секогаш беше европски симбол на шик, како спој на Роми Шнајдер и Моника Вити. Беше далеку помалку видлива од своите врснички – мистериозна, повозрасна, понедостижна – и тоа имаше своја привлечност“, се присетила Ана Винтур, познатата уредничка на „Vogue“.
Патиц е родена во Хамбург. Нејзината мајка е со потекло од Естонија, а татко ѝ е Германец. Семејството подоцна се преселило во Шведска, од каде и започна нејзината светска кариера и походот на модните писти.
Соработуваше со модните куќи „Versace“ и „Chanel“ и често беше дел од насловните страници на многу списанија како „Harper’s Bazaar“ и „Marie Claire“.
Славната манекенка се забавуваше со пејачот Сил, актерот Пирс Броснан, а претходно и со Ник Камен. Зад себе го остави синот Џона Џонсон кој го доби со Џејсон Џонсон, со кој беше во брак од 2003 до 2009 година.