И во шопинг центарот „Ист Гејт Мол“ во Скопје денеска имало дојава за бомба, по што реагирала и полицијата.
Евакуиран е целиот трговски центар и сите вработени додека траат проверките.
Откако досега имаше дојави за бомби во повеќе училишта низ Скопје, сега има закана и до Трговски центар.
Покрај дојавата за поставени бомби, евакуирана е и скопската Железничка станица. Полицијата го блокираше пристапот, а затворен е и целосно подвозникот од Центар кон Аеродром.
На терен има засилено полициско обезбедување кое ги евакуира граѓаните затечени кај Железничката станица, а забранет е и пристапот за автобусите на кои ова им е вообичаена почетна станица.
Закани за бомби утрово пристигнаа до трговските центри „Ист гејт“ и „Бисер“, Транспортниот центар, зградата „Пегла“ и полициската станица Центар, соопшти МВР.
„Денеска (9.12.2022) околу 9:30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на електронска адреса на седум средни училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна нaправа. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите.
Исто така, пријавено е дека на електронска адреса била упатена закана за поставена експлозивна направа и во ТЦ „Ист гејт“, ТЦ „Бисер“, Транспортен центар, Флатирон и ПС Центар“ се вели во соопштението на МВР.
Веднаш се преземени неопходните мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот.