Важат ли законите во Маврово, укинат АУП, а се гради, законот не дозволува, а некој сака албанско знаме да закачи во општината

Точка

27/11/2022

09:12

6.943

Големина на фонт

а а а

Беззаконието, хаосот во урбанизмот, дивоградбите, нехигиената, непочитувањето на основните правила за градење во Национален парк... со години е веќе главна одлика за случувањата во Општина Маврово Ростуше и начин на однесување на одговорните лица во општината.

Под хотелот Радика и вчера беа пуштени булдожери под објектите кои со решение треба да се урнат, а в понеделник Советот на општината треба да решава за одлука за употреба на албанско знаме во општината.

Архитектонско-урбанистичкиот проект (АУП) за хотелот Радика и за проектот Радика резорт е укинат. За девет дивоизградени вили под хотелот има решение за уривање. На тој простор е регистрирано заштитено културно-историско наследство. И покрај сѐ ова, под хотелот Радика и натаму се гради, булдожерот копа. Од здружението Спас за Маврово, кое веќе со години се обидува да ги предупреди надлежните за целото ова беззаконие, велат дека и за ова директно го информирале градоначалникот Медат Куртовски, а тој им одговорил да се јават кај надлежните инспектори кои мора да интервенираат. Како тој да не им е надлежен на тие инспектори, па не може да им даде наредба да излезат на терен и да видат што се случува. Патем, против еден од овие инспектори, се води кривична постапка за негови злоупотреби во урбанизмот, пишува МКД.мк.

Но, затоа во општината каде градоначалник е Куртовски за утре, на седница на Совет на Општина Маврово-Ростуше, на дневен ред е и употреба на албанското знаме на територијата на општината, точка 10.

Според пописот од 2021 година во Маврово Ростуше бројот на резидентното населенеие е 5.042 (во 2002 година таа бројка беше 8.618), бројот на домаќинствата е 1.597 со 5.658 станови.

Според етничката припадност во Маврово Ростуше живеат 1.474 Македонци, 470 Албанци, 1.555 Турци и тројца Роми.

Според Законот за употреба на знамињата во Македонија во единицата на локалната самоуправа, во која живеат граѓани припадници на заедницата и се повеќе од 50 отсто од населението во таа единица на локалната самоуправа, пред и во објектите на органите на единицата на локалната самоуправа се истакнати знамето на Република Македонија и знамето на таа заедница.

Во Маврово Ростуше бројот на Албанците е 11 отсто.


Медат Куртовски, градоначалникот на Маврово Ростуше, во изјава за МКД.мк потврдува дека утре на Совет има и таква точка на дневен ред, но не кажува кој и како ја предложил оваа точка.

„Никаква одлука се уште не е донесена. Точки на дневен ред се ставаат, се додаваат, се повлекуваат... Секоја предлог одлука се разгледува и сѐ што не е во склоп на закон не може да помине. Да не правиме фама без потреба. Ќе видиме на Совет, ако таа или било која предлог точка не е согласно закон нема ни да се стави на дневен ред“, вели Куртовски.

Советниците на ВМРО-ДПМНЕ веќе најавуваат дека ќе ја напуштат утрешната седница ако таа точка не биде тргната од дневниот ред. Интересно е и тоа што некои советници на СДСМ, владеачката коалиција, воопшто и не се запознаени со овој предлог, ниту пак, како што ни велат, ова било расправано во партијата.

Оваа провокација предивика голем револт меѓу месното население. Претседателите на месните заедници за утре бараат и средба со градоначалникот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг