(Видео) Протест на приватните превозници пред ЈСП со барање за средба со директорот: Срам да и е на Арсовска, нè остави без леб!

Макфакс

25/11/2022

12:16

2.866

Големина на фонт

а а а

Приватните превозници протестираат пред централата на на ЈСП во Автокоманда. Тие ги паркираа автобусите на улицата во близина на објектот на ЈСП и бараат средба со директорот на претпријатието.

Нѐ оставија без леб. Не можеме да однесеме леб дома. Знаете што значи тоа! Чесни луѓе кои сами инвестиравме, самите се вработивме и погледнете што сака да ни направи, нема да го дозволиме тоа! Срам да и е на градоначалничката! – рече Кемал Муриќ кој говореше во името на превозниците пред централата на ЈСП Скопје, каде што очекуваат прием од директорот на ЈСП, Александар Стојковски.

– Градоначалничката Данела Арсовска изнесе тешки невистини и лаги. Не можеме да веруваме дека еден носител на така висока функција, градоначалник на Град Скопје може да се осмели и да се дозволи такви лаги да изнесе и да ја манипулира јавност. Нè обвинуваат за продавање билети и за нефискализација. Сите знаеме дека фискалните апарати кои се монтирани кај нас и во автобусите на ЈСП беа монтирани тука во ЈСП и се нефункционални.

Дистрибуцијата на билетите е исклучива одговорност на ЈСП, кое ги продава и надополнува во нивните пунктови и со сите билети корисниците на нашите услуги се валидираат кај нас. Немам зборови да искажам колку сме згрозени од Данела Арсовска. Јавно изјавувам, срам да и е! – изјави за „А1он“, Кемал Муриќ од „Слобода превоз“.

Превозниците објаснија дека не можеле да ја сокријат продажбата на билети, а бидејќи работат на фактура, Арсовска може да се информира од неколку места каде што се води детална евиденција.

– Тука ги бараме нашите средства зошто не ни се даваат, како може за нив да има, за нас да нема. Ако ние сме продавале билети, од каде сме ги набавиле истите. Опремата што ја имаме во нашите автобуси не дозволува ние да го надополниме кредитот на патниците.

Целата евиденција, за голема среќа, може да се види во одделението за мониторинг во Град Скопје, контролниот центар во ЈСП и диспечерските служби на превозниците. Нашето плаќање е фактурно и точно може да се провери како и колку сме биле исплатени – рекоа превозниците за „А1он“.Автобусите на „Слобода превоз“ петти ден не сообраќаат, доедека „Макекспрес“ подолго време е надвор од јавниот сообраќај и нема договор со ЈСП.

Вчера градоначалничката Данела Арсовска ги обвнини приватните провозници дека продавале билети, а не ја пријавувале заработката. Превозниците велат дека овие обвинувања се груба лага.

Претставници на приватните провозници денеска ќе имаат средба со координаторите на советничките групи во Советот на Град Скопје.



Спонзорирани линкови

Маркетинг