„Mercedes“ нуди зголемување на силата со претплата

Точка

24/11/2022

13:45

4.488

Големина на фонт

а а а

Автомобилите стануваат мрежни компјутери, а нагодувањето може да се направи на претплата.

Се почести се случаите каде произведувачите „отклучуваат“ поединечни можности на автомобилот, што многумина не го прифаќаат најдобро. Така минатото лето „BMW“ воведе опција за нарачка на греење на седиштата по цена од околу 18 евра месечно, како и можност за греење на воланот и генерирање на спортски звук на моторот.


„Mercedes“ сега во Америка нуди опција „Acceleration Increase“ која овозможува на некои електрични модели од „EQ“ серијата да им се скрати времето на забрзување до 96 км/ч за 0.8 до 1.0 секунди. Не е малку, а не и ни трајно. Имено, тука не станува збор за опрема во возилото, туку буквално за дополнителна софтверска надградба. И што е најдобро, се нуди на претплата по цена од 1.200 долари годишно.


Во „Mercedes“ велат дека опцијата е наменета за сите кои сакаат „подобрени перформанси на своето возило“. Со ова он-лајн нагодување се зголемува силата на моторите за 20 до 24 проценти.


Пакетот се нуди на четири модели. На „EQE 450 4Matic“ расте од 292 на 354 коњски сили, а забрзувањето до 96 км/ч паѓа од 6.0 на одлични 5,1 секунди. Слично важи и за „EQE SUV 350 4Matic“. На другите два модели, „Mercedes EQS 4Matic“ и „EQS SUV 450 4Matic“, силата расте од 360 на 449 коњски сили, а забрзувањето се скратува од 5,3 на 4,5 секунди кај лимузината и од 5,8 на 4,9 секунди кај SUV моделот.


Нема сомнежи, идејата е сите автомобили на стартот да се произведуваат послични, а персонализацијата уследува дополнително преку претплата. „BMW“ и „Mercedes“ тука се пионери, а не се сомневаме дека по истиот пат ќе тргнат и другите произведувачи.




Спонзорирани линкови

Маркетинг