Скандал во Собранието: Затворената седница со Виктор Димовски за случајот „Онишченко“ се емитувала во живо на Јутјуб

Точка

18/11/2022

15:24

3.792

Големина на фонт

а а а

Седницата на Комисијата за надзор на работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) на која директорот, Виктор Димовски, даваше отчет за државјанството на Украинецот Олександр Онишченко веројатно ќе биде прекината и одложена.

Причината за тоа е безбедносен пропуст бидејќи додека траеше седницата која по барање на Димовски беше затворена за јавноста поради користење класифицирани информации, сепак таа во живо се пренесуваше на Јутјуб каналот на Собранието.

На говорницата на Собранието, пратеникот Павле Трајанов побара објаснување зошто затворената седница на која Димовски презентираше доверливи документи била емитувана во живо на Јутјуб.


Тоа беше причина спикерот Талат Џафери да побара да се испита случајот, а дотогаш Комисијата за надзор на работата на АНБ и на АР да не продолжува со работа.

Во моментов, Димовски и претседателот на собраниската Комисија, пратеникот Љупчо Пренџов, се наоѓаат во кабинетот на спикерот Талат Џафери за да одлучат дали ќе продолжи реферирањето за случајот „Онишченко“.

Собраниските служби веќе ја заклучија салата број 4 каде што се одржуваше надзорната комисија, пренесува „Плусинфо“.