„Зборевме за борбата против корупцијата и европскиот пат”.
Ова беше објаснувањето на Арбен Таравари, лидер на Алијанса за Албанците за средбата со премиерот Димитар Ковачевски. Според Таравари се зборувало за прашања поврзани со функционирањето на државата и системот.
„Немаме официјални преговори. Ако започнеме, нема да криеме. Не добивме покана”, кажа Таравари.
Тој смета дека партијата со која раководи е сериозна.
„Ако има преговори, на крај членството ќе утврди дали ќе влеземе во Влада”, додаде Таравари.
Тој додаде дека ќе има услови.
„Ќе имаме црвени линии неопходни за влез во Влада. Имаме пакет мерки кој ќе биде услов за влез во Влада”, посочи тој.
Според него ВМРО има лош „вординг”, односно станувала понационалистичка партија од Левица.
„Ние имаме комуникација со сите партии. Имаме и коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Вордингот на ВМРО не ни се допаѓа, ги намалуваат капацитетите за соработка со албански партии. ВМРО се натпреварува со Левица која е понационалистичка партија, што не е добро” – додаде Таравари.
Нему не му се допаѓа ниту работата на Владата СДСМ-ДУИ.
„Ќе продолжиме да критикуваме”, посочи Таравари.