Државна безбедност на Бугарија и КГБ: Прикриено влијание на Русија на политиката на Софија! Дали е клучот во поранешните разузнавачи?

Точка

07/11/2022

16:49

68.225

Големина на фонт

а а а

Некогашни функционери на бугарските државни безбедносни служби од времето на комунизмот и денес имаат големо влијание на политиката во земјата. На товар им се става дека отсекогаш служеле само на комунистичкиот режим и на руско КГБ.

Дури и 30 години по падот на комунизмот, моќта на некогашната сеприсутна државна безбедност во Бугарија и натаму е голема. Нејзините поранешни службеници се на влијателни позиции во политиката, бизнисот и науката – и тоа е покрај фактот што владата ги отворила нејзините архиви кога земјата пред 15 години влегла во ЕУ и вовела задолжителна проверка на кандидатите за сите избрани и именувани функции.

Екатерина Бончева, која парламентот во Софија во 2007-ма ја избрал за членка на комисијата „КОМДОС“ која е надлежна за архиви и прегледи, за „DW“ објаснува: „Направивме архива од досиеја долга 16 километри која и достапна на јавноста. Пруживме докази дека комплетната државна безбедност всушност е брутална политичка полиција. И се погриживме да се прекина задкулисната политика и уцените со доверливи досиеја“.

Па сепак, како што вели видно фрустрираната Бончева, малку работи се промениле. Поранешните службеници од тајните служби сè уште – како што вели, со руска помош – влијаат на политиките во Бугарија. „Тие никогаш не и служеле на националната безбедност на Бугарија, туку само на комунистичкиот режим и КГБ“, објаснува Бончева.


Како потврда на тој нејзин став може да се земе и изјавата на некогашниот министер за внатрешни работи на Бугарија, Димитер Стојанов од 1972-ра година, кој тогашната бугарска Државна безбедност ја опишал како регионален огранок на КБГ. Во секој случај, мрежите од поранешни агенти и натаму се активни, и затоа денес претставуваат проблем за Бугарија.

Тоа станало јасно неодамна со рускиот напад на Украина кој службите не го предвиделе. Според добро известени владини кругови во Софија, сите нивни анализи и предвидувања биле насочени на Русија и затоа рускиот потенцијал е целосно преценет. Од друга страна, украинската волја да се одбрани од напади и способноста на украинската војска не се земени предвид, што довело до погрешни проценки. Во февруари 2022-ра година пратениците на тогашната владејачка партија барале истрага за тоа дали службите намерно ја измамиле владата.

„Прикриеното влијание на Русија се чувствува секаде во нашите безбедносни служби“, вели Христо Иванов, пратеник во парламентот и копретседател на коалицијата „Демократска Бугарија“. Тоа би можело да биде и причината зошто тајните служби ја заобиколуваат законски пропишаната инспекција на својот персонал од страна на „КОМДОС“. За малкуте вработени чии податоци ги пратиле во КОМДОС, се покажало дека половина од нив веќе шпионирале за комунистичката државна безбедност, а често минувале и специјална обука во Москва.


Шпиони и генерали

Еден таков случај е Илија Илиев. Тој од 1980-та година работел за тогаш советската, а денес воена разузнавачка служба ГРУ, која го обучувала. Видео-снимките и прислушуваните разговори покажуваат дека со години, заедно со други припадници на тајните служби, Министерството за одбрана и парламентот, на високи офицери во руската амбасада и продавал строго доверливи документи во врска со НАТО.

Или Валентин Занков, генерал во резерва кој е уапсен во март 2022-ра година, само неколку недели по почетокот на руската војна во Украина. Обвинението гласи: „шпионажа за Русија. Занков од 1982-ра година работел ви извидничката служба на генералштабот, а и тој минал обука во Москва. Но, тоа не и наштетило на неговата кариера во посткомунистичка Бугарија. Дотуркал до шеф на едно одделение во Министерството за одбрана, а дури бил и воен аташе во Лондон и Вашингтон. Според обвинението, Занков предал тајни документи на политичкиот секретар на руската амбасада во Софија. Занков инаку ја критикувал праксата за отворање на комунистичките архиви, а и предупредувал на наводни напади на НАТО на Русија.

Недовербата во војската, како и безбедносните служби се длабоко вкоренети во бугарството општество, како и меѓу политичарите.„Причина за тоа се недостиг на реформи и фактот дека инкриминираните службеници не се сменети“, вели Христо Иванов. Тоа, додава, на старите кадри им дало можност својот начин на размислување и менталитет да го пренесат на следните генерации.


Национализам и надворешна политика

Старите кадри во Државната безбедност со децении биле активни во надворешната политика, што било своевидна капија за руско влијание. Комисијата КОМДОС во 2010-та година дошла до шокантен заклучок: 201 од 593 високи функционери и 205 од 467 амбасадори претходно работеле во комунистичката тајна служба.

Тоа како тие мрежи влијаат на бугарската надворешна политика и ги промовираат руските интереси, покажува историско-идентитетскиот спор со Македонија. Зад бугарската блокада на пристапувањето на Македонија кон ЕУ не се само старите мрежи на Државната безбедност во Министерството за надворешни работи или меѓу советниците на претседателот Румен Радев.

И бугарската националистичка партија, онаа која постојано го разгорува тој судир, е полна со стари кадри од службата на државната безбедност и тие преку спорот со Македонија и служат на стратешките интереси на Русија на Балканот, оценува Екатерина Бончева.

Таа потоа инсистира на значењето на Комисијата КОМДОС: „Изградивме стабилна институција и ѝ покажавме на јавноста кој се имал врска со Државната безбедност. Тоа разоткривање мора да продолжи, бидејќи промената на менталитетот на политичките елити е неопходна“.




Спонзорирани линкови

Маркетинг