Спалети: Елмас е момче кое го казнив од стартот на сезоната, најважна е групата

Дерби

06/11/2022

12:49

3.503

Големина на фонт

а а а

Елиф Елмас го постигна голот за победа за Наполи на тешкото гостување во Бергамо, а со тоа на најдобар можен начин одговори на довербата која ја доби од тренерот Лучијано Спалети на еден важен натпревар.

Македонецот го замени повредениот Кварацхелија во стартната постава и покажа дека може да биде клучен фактор за својот тим, кој вчера освои тешки и многу важни три бода против Аталанта со направен пресврт.

Спалети не штедеше пофалби за македонскиот репрезентативец од прес-салата по средбата во Бергамо и ги истакна неговите квалитети, но и призна дека тој играл премалку од стартот на сезоната со оглед на желбата и работата која ја прикажува на тренинзите.

– Елмас е момче кое го казнив од стартот на сезоната, играше многу малку со оглед на тоа колку е подготвен да помогне на тимот. Многу ми е мило што покажавме дека можеме да победиме и без Кварацхелија.

– На никој во соблекувалната не му се допаѓа кога некој вели дека не можеме да победиме без него. Елмас беше исклучително добар на негово место и ни донесе квалитет. Не се стигнува никаде во фудбалот ако немате 20 или 22 играчи кои можат да одговорат во секој момент. Најважна е групата и треба добро да се изменаџира сето тоа, – изјави Спалети.