„Се договоривме опширно да разговараме за тоа на самитот на Г20 во Индонезија. Ќе обезбедиме бродовите со жито да стигнат до сите земји на кои им се потребни, особено во Сомалија, Џибути и во Судан, кои се борат со сериозна криза со храна и глад“, рече Ердоган.
Русија и Турција постигнаа договор за бесплатно доставување жито на земјите на кои им е потребно, вклучувајќи ги Џибути, Сомалија и Судан, изјави во петокот, 4 ноември, турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.
„Рускиот претседател Владимир Путин ми рече за време на нашиот телефонски разговор дека треба бесплатно да испратиме жито во земјите, вклучувајќи ги Џибути, Сомалија и Судан. Се согласивме“, рече Ердоган во телевизиското обраќање, пренесува агенцијата „Франс прес“.
Оваа недела Русија се врати на договорот за жито, што овозможува украинскиот извоз да минува низ Црното Море.
Договорот постигнат во јули, со посредство на Обединетите нации (ОН) и Турција, треба да биде обновен на 19 ноември, три дена по завршувањето на самитот на Г20 на Бали, но Кремљ сè уште не потврдил дека ќе се согласи со него.
Во четвртокот украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја нема да учествува на самитот на Г20 доколку рускиот претседател е учесник.
Рускиот лидер допрва треба да потврди дали доаѓа.
Украина, еден од најголемите светски извозници на жито, беше принудена да ги прекине речиси сите пратки откога Русија ја нападна земјата на 24 февруари.