Хаос меѓу познатите откако Маск го купи Твитер: Масовно ја напуштаат социјалната мрежа – ова е причината!

Точка

31/10/2022

22:10

13.086

Големина на фонт

а а а

Сè поголем дел од славните личности се подготвени да се збогуваат со Твитер, откако Илон Маск ја презеде сопственоста над оваа социјална мрежа.

Некои од нив веќе ги избришале или пак заклучиле своите профили, а следбениците ги повикуваат да ги „заследат“ на другите социјални платформи, како што се Инстаграм или пак ТикТок.

Поради стравот дека Твитер по преземањето на Маск ќе го зајакне говорот на омраза, многу од славните лица најавуваат дека ќе се повлечат од таа социјална мрежа.

Креаторката на серијата „Grey’s Anatomy“, Шонда Рајмс, им открила на своите следбеници дека нема намера да чека да ги види плановите на Маск за Твитер.

Извршниот директор на серијата „This Is Us“, Кен Олин, исто така се „поздравил“ со своите 300 илјади следбеници на Твитер:

„Си заминувам оттука. Без осудување. Да ја чуваме верата. Да ја заштитиме нашата демократија. Да се обидеме да бидеме пољубезни. Да се обидеме да ја спасиме планетата. Да се обидеме да бидеме повеликодушни. Да се потрудиме да пронајдеме мир во светот“, напишал Олин.

Со следбениците се збогувал и водителот на емисијата „Billions“, Брајан Копелман, којшто им порачал на твитерџиите дека отсега можат да го пронајдат само на Инстаграм и ТикТок, а истото го направил и актерот Алекс Винтер чијшто профил сега е затворен за јавноста.

Актерката и активистка Миа Фароу исто така ја „осудува“ ситуацијата на популарната социјална мрежа откако Маск е на нејзино чело.

„Неколку минути откако Илон Маск е сопственик на Твитер, платформата беше исполнета со пцости и расистички пораки, антисемитски, исламофобен, хомофобен и трансфобен говор на омраза“, порачала таа.

Меѓутоа, некои од славните лица имаат спротивен став за ситуацијата и сметаат дека сите треба да останат на Твитер за да може да го возвратат ударот во случај оваа социјална мрежа да престане да го регулира говорот на омраза.

На пример, иконата на „Star Trek“, Џорџ Такеи порачал: „Сите лудаци веднаш би почнале да ги тестираат ужасните граници колку далеку можат да стигнат. Јас не одам никаде. Ни требаат меѓусебните гласови и сили, а јас никогаш не сум бегал од кавги“.