Иако за многумина звучи лудо и незамисливо мајка да го пријави сопственото дете во полиција, оваа жена немала избор.
Никол Шуберт ја чистела куќата тој ден 2019 година, кога го пронашла дневникот на својот 17-годишен син. Во него пишувало дека планира да ја убие сопствената мајка, а потоа истото ќе им го направи и на учениците од средното училиште во Вашингтон кое го посетувал.
„Беше едноставно срцепарателно. Не сакав да читам понатаму“, изјавила Никол низ солзи за „ABC“.
Тогаш донела тешка одлука - го пријавила својот се уште малолетен син во полиција. Го направила тоа бидејќи, како што вели, не сакала другите деца да ги загубат животите.
„Тоа е мое дете, јас го родив. Многу боли. Се уште боли“, изјавила мајката низ солзи и додала: „Во тој момент не се работеше само за мене и него. Стануваше збор за целото училиште - стотици луѓе, стотици деца“.
Не криејќи дека донела тешка одлука, Шуберт смета дека ја направила вистинската работа.
„Верувам дека спасив многу животи. Ако постои можност да се спаси дури и еден - една личност, едно дете - мислам дека се исплати“, вели оваа храбра мајка.
Нејзиниот син бил уапсен и се изјаснил виновен за кривично дело „закана со бомбашки напад“. Поминал низ ментална процена и завршил на програма за рехабилитација и општествено корисна работа.
Останатите родители ги предупредила да не ги игнорираат знаците кои упатуваат дека нивното дете се однесува чудно и невообичаено.
„Очигледно е дека не можеме постојано да ги контролираме постапките на своите деца. Кој може? Но, постојат знаци дека нешто не е во ред - зошто се однесува чудно? Зошто е таков кон себеси?“, вели Никол.