Кина го препродава американскиот ЛНГ на Европа со огромен профит

Денар

04/10/2022

18:37

2.134

Големина на фонт

а а а

Забавувањето на економскиот развој се покажа како можност за кинеските енергетски компании, кои го пренасочуваат американскиот течен природен гас, купен со долгорочни договори пред години, во Европа која бара гас, пишува „The Wall Street Journal“.

Ситуацијата е невообичаена, но им помага на европските клиенти на прагот на зимата. Покрај тоа, овие зделки се случуваат со огромен профит за Кина.

Интерес за препродадениот течен гас од Кина има клиенти и во Јапонија и Јужна Кореја, се наведува во изданието. Во првите осум месеци од оваа година, кинеските терминали управувале со само 19 американски танкери со ЛНГ, во споредба со 133 во истиот период минатата година. Во исто време, Пекинг купува 30% повеќе гас од Русија, покажуваат податоците на кинеските царински власти.

Кина добива руски природен гас под „Моќта на Сибир“ и, според „Газпром“, во 2021-ва година беа испорачани околу 10 милијарди кубни метри. Дополнително, во земјата влегуваат и одредени количини руски течен природен гас, а еден од ретките сојузници на Москва во последните месеци добива и добри попусти за купување на енергетски носачи. Според податоците на царинските органи на кои се повикува „Bloomberg“, Пекинг платил 44 милијарди долари за набавка на нафта, нафтени деривати, гас и јаглен од Русија во периодот февруари-август 2022-ра година. Ова е раст од 74 отсто во однос на истиот период од 2021-ва година.

Пред неколку години, Кина ги искористи обидите на САД да го зголеми извозот на ЛНГ и потпиша долгорочни договори (до 25 години) за снабдување по многу добри цени, кои се врзани за американскиот гасен центар „Хенри“. Потоа, со помош на оваа долгорочна соработка, се поттикна изградбата на терминали за ЛНГ во САД.

Пресметувањето на профитот од препродажбата на американскиот ЛНГ е тешко – цената е предмет на трговски тајни, самите зделки може да се склучат под пазарните цени на самото место, а самите танкери може да се тргуваат повеќе пати додека сѐ уште се во вода. Сепак, упатените велат дека овие договори носат стотици долари профит од само еден товар за кинеските компании.

Според извори на „WSJ“, кинеската „ENN Natural Gas“ планира да го продаде течниот гас според договорот со „Cheniere“, кој го носи танкерот „Diamond Gas Victoria“, во Европа за профит од 110 до 130 милиони долари. Се очекува испораката да биде завршена до средината на октомври.

„Cheniere“ потпиша договори со „ENN“ и „Sinochem International“ во пролетта 2019-та година за набавка на 0,9 милиони тони годишно. Почетокот на спроведувањето на овие договори беше во јули 2022-ра година, а според извори за американското издание, ниту еден танкер според овие договори не влегол во Кина таа година.

„Го препродаваме овој гас – договорите го дозволуваат тоа и цената е добра“, потврдија од комерцијалната единица на државната „China National Petroleum Corporation – PetroChina International“.

Од 2021-ва година, американските добавувачи и кинеските купувачи објавија 16 договори за вкупно околу 19 милиони тони течен природен гас годишно, кои треба да започнат во текот на следните пет години.

Не е јасно колку долго кинеските компании ќе можат да препродаваат природен гас според нивните долгорочни договори со САД на Европа и на другите пазари каде што се соочуваат со недостиг од суровината. Сè ќе зависи од политиката околу коронавирусот и од тоа колку брзо ќе се опорави побарувачката за гас во Кина. Сето тоа може да заврши оваа зима, како и да продолжи со години додека не се појават конкуренти од Африка, Јужна Америка или Блискиот Исток, додава „WSJ“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг