Бура по предлогот на Маск за мир во Украина, реагирале Зеленски и Медведев

Точка

04/10/2022

10:23

4.986

Големина на фонт

а а а

Корисниците на Твитер, меѓу кои и украинскиот претседател Володимир Зеленски, го критикувале најбогатиот човек на светот Илон Маск откако дал свој предлог за мир во Украина.

Маск во понеделникот им порачал на корисниците на таа социјална мрежа да гласаат за неговиот предлог за мир во Украина.

Милијардерот роден во Јужноафриканската Република предложил повторување на гласањето во регионите кои Москва ги анектирала, овој пат со надзор на ОН, по што Русија би се повлекла во случај на негативен резултат.

Маск предложил и Крим официјално да стане дел од Русија, како што било од 1783-та година до „грешката“ на советскиот лидер Никита Хрушчов. Во спорната објава повикал и на снабдување на Крим со вода и на неутрален статус на Украина.

Сопственикот на Тесла набрзо добил одговор од илјадници корисници на социјалните мрежи, меѓу нив и од украинскиот претседател.

„Кој Илон Маск го преферирате?“, твитувал Зеленски, алудирајќи на прашањето на Маск, нудејќи ги одговорите: „Оној што ја поддржува Украина“ и Оној што ја поддржува Русија“.

И Дмитриј Медведев, поранешен руски претседател, се огласил на Твитер и го коментирал предлогот на Маск за мир во Украина.

„Секоја чест! Агентот од сенка се разоткри. Заслужува нов чин и тоа многу брзо. Неговиот следен твит веројатно ќе биде нешто за тоа дека Украина е вештачки создадена држава. Чекаме …“, напишал Медведев.

Маск бил нападнат и од легендарниот руски шахист, противник на рускиот претседател Владимир Путин со хрватска адреса Гари Каспаров.

„Ова е морален идиотизам, повторување на пропагандата на Кремљ, предавање на украинската храброст и жртвите“, напишал Каспаров.

Маск му одговорил дека тој на Украина „и го дал Старлинк и притоа изгубил 80 милиони долари“, а себе и „SpaceX“ ги ставил под сериозен ризик од руски сајбер напади, коментирајќи го својот систем на сателити кој на Киев му ја олеснува комуникацијата и на својата компанија која нуди и развива вселенски патувања.

„Што правиш ти освен што твитуваш“, го прашал Маск Каспаров.

Најжесток одговор Маск добил од украинскиот амбасадор во Германија во заминување Андриј Мељник.

„Е*и се е мојот многу дипломатски одговор до тебе, Илон Маск“, напишал Мељник кој претходно беше критикуван бидејќи го бранел контроверзниот украински националистички лидер од времето на Втората светска војна, Степан Бандера.

Во обид да го одбрани својот став Макс подоцна објавил дека Русија би извршила целосна мобилизација поради одбраната на Крим, што би резултирало со уништување на двете страни.

„Русија има три пати повеќе од жители од Украина, па победа на Украина не е изгледа во тотална војна. Ако се грижите за украинскиот народ, борете се за мир“, навел тој.




Спонзорирани линкови

Маркетинг