Семејството на Арчи Батерсби ги поминува последните моменти со него откако ова 12-годишно момче ќе биде исклучено од апарати за одржување во живот во 11 часот по тамошно време (15 часот по локално), пренесува „Дејли мејл“.
Холи Денс и Пол Батерсби вчера ја изгубија последната правна битка нивното момче да биде пренесено од Кралската лондонска болница на друго место.
Тие сакале во мир „да ги поминат последните моменти“ – без медицински сестри и доктори. Родителите се обратиле до Апелацискиот суд и се обиделе да ја оспорат пресудата од Врховниот суд, но жалбата била отфрлена.
Врховниот суд пресудил дека тој потег не е во најдобар интерес за Арчи, нарекувајќи ги разликите како „големи и непредвидливи“.
Семејството на Арчи тогаш побарало помош од Европскиот суд за човекови права, но неговите судии кажале дека нема да интервенираат со примена на „привремени мерки“ дозволени во „посебни“ случаи.
Им било кажано дека неговата терапија за одржување во живот ќе биде повлечена во 11 часот, се наведува во најавата на групата „Christian Concern“.
Портпаролот на групата изјавил:
„Сите легални патишта се исцрпени. Семејството е девастирано и поминува драгоцено време со Арчи“.
Barts Health NHS Trust изјави дека нивниот став останува ист во смисла дека нема да бидат направени никакви промени во негата на Арчи „додека не се решат нерешените правни прашања“. Во своја пресуда, вчера наутро, судијата госпоѓа Џастис Теис, изјави дека Арчи треба да остане во болница кога лекувањето ќе прекине.
Таа ја повтори загриженоста за здравствениот фонд одговорен за негата на Арчи којшто утврди дека состојбата на момчето е премногу нестабилна за да биде преместен. Докторите се плашат дека со патувањето со брза помош „најверојатно би со забрзало прераното влошување на момчето кое семејството сака да го избегне“.
Семејството сега поднесе жалба на одлуката на судијата. Џастис Теис го одобри одложувањето на повлекувањето на лекувањето на Арчи до 11 часот по тамошно време, за да се даде време за поднесување жалба.
Холи денеска ја осудила пресудата на Врховниот суд која била донесена доцна синоќа, но објавена дури утрово, како „болна и нечуена“ во интервју за „Скај њуз“.
Вчера било откриено дека Холи веројатно на својот син ќе му даде вештачко дишење „уста на уста“, доколку докторите го повлечат кислородот во моментот на исклучување на машината.
Мајката ветила дека ќе продолжи да му дава кислород, доколку докторите го исклучат апаратот и ќе биде подготвена да направи сè за да го одржи во живот своето дете.
Портпаролот на организацијата за кампањата Христијански правен центар којшто го поддржува семејството, изјавил дека давањето вештачко дишење „уста на уста“, можеби е тоа што Холи мора да го направи.
Тој се осврнал на „трогателниот“ случај со малиот Алфи Еванс чии родители започнале слична правна битка како и семејството на Арчи, кога докторите сакале да му ги исклучат апаратите.
Таткото на Алфи, Том, на синот му давал вештачко дишење „уста на уста“ за да го одржи во живот во неговите последни моменти.
Тоа доаѓа откако Европскиот суд за човекови права во средата го отфрлил последниот апел на Холи и Пол, механизмот за одржувањето на Арчи во живот да се задржи вклучен, оставајќи ја Холи целосно скршена.
Следниот ден семејството поднело барање до Врховниот суд да го преместат Арчи од Кралската лондонска болница во последните часови од неговиот живот.
Во изјава, Холи вчера рекла:
„Доколку на Арчи му биде скратен кислородот и доколку биде отстранета поддршката за живот, ќе продолжам да му давам кислород. Мислам дека Врховниот суд ќе ја направи вистинската работа. Доколку ме одбијат за дозвола да го одведеме и да добива кислород, тоа едноставно ќе биде нехумано и ништо во целта на достоинството. Цел систем е поставен против нас. Реформата сега мора да помине низ Чарлиев закон, така што ниту еден родител не мора да поминува низ ова. Ќе се бориме до крај за правото на живот на Арчи“.
Како се повредил Арчи?
Мајката на Арчи, Холи Денс, верува дека тој се здобил со оштетување на мозокот поради учество во предизвик на социјалните мрежи, откако го пронашла без свест во нивната куќа на 7 април 2022 година.
Трендот е познат како „предизвик на затемнувањето“, односно како предизвик на задушување, предизвик на паѓање во несвест и е еден од најновите во низата опасни трендови кои се појавуваат на ТикТок.
Предизвикот веќе резултирал со смрт на осумгодишната Лалани Ерика Рене Валтон од Тексас и деветгодишната Ајрлин Џејлин Аројо од Висконсин.
Како Арчи добил оштетување на мозокот?
Предизвикот затемнување доведува до недостаток на кислород во мозокот што може да биде смртоносно. Иако со сигурност не се знае дали Арчи се обидел да го изведе предизвикот, неговата мајка верува во тоа, откако го пронашла со парче ткаенина со јазли околу главата.
Зошто е во кома?
Арчи никогаш не се освестил откако мајка му го пронашла дома во таква состојба и оттогаш е во кома како последица на повреда на мозокот.