Амбасадата на САД ѝ одговори на Русковска: Ова е прашање кое треба да го решат надлежните органи

Нетпрес

04/08/2022

18:31

3.944

Големина на фонт

а а а

„Ова е прашање кое треба да го решат надлежните органи“, гласи одговорот од американската амбасада на синоќешниот повик на шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал, до сите меѓународни институции и амбасади, да пружат помош преку проверка на фактите кој е во државата е криминалец, а кој се бори против криминалот.

„Амбасадата на САД е вложена во унапредување на владеењето на правото во Северна Македонија и ги поддржува напорите на властите и на правосудството за обезбедување на транспарентност и отчетност кај институциите и внатре во нив. Се чини дека ова прашање е тековен процес и прашање кое треба да го решат надлежните органи“, се наведува во одговорот на амбасадата на САД.

Шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Вилма Русковска, ги повика сите надлежни институции во државата, како и сите меѓународни институции и амбасади, пред се Амбасадата на САД и Канцеларијата на ЕУ, „еднаш засекогаш да се проверат сите факти и се расчисти кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот“.


Во писмената реакција по вчерашниот брифинг на директорот на Управата на финансиската полиција, Арафат Муареми, Русковска нагласи дека е згрозувачки притисокот врз обвинители на ОЈО ГОКК од страна на именувано лице од Владата, како и мешање во предмет на ОЈО ГОКК, кое што е стриктно забрането согласно Законот за јавно обвинителство.

Директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми најави дека против неа и уште против две обвинителки ќе поднесе кривични пријава, откако ЈО на 18 јули изврши претрес во институцијата.

„Македонија ниту е диктатура, ниту е монархија. Во Македонија не смее да владее волјата на некои сегашни или пак поранешни владини функционери за обвинители да замижуваат пред кој било криминал, па тој и да е и во највисоките ешалони на власта“, нагласи Русковска во својата реакција.



Спонзорирани линкови

Маркетинг