Шокантно откритие: Пронашле 17,5 тони човечка пепел на место на концентрационен логор

Точка

14/07/2022

10:19

5.260

Големина на фонт

а а а

Страшно откритие на местото на некогашен нацистички логор.

Околу 17,5 тони човечка пепел се откриени и ископани во близина на поранешен концентрационен логор во Полска, објавил денеска Полскиот институт за национално сеќавање (IPN), кој истражува нацистички и комунистички злосторства.

Остатоците се ископани во Илво Осади, во близина на местото на поранешниот концентрационен логор Џалдово (Солдау на германски), на околу 150 километри северно од Варшава, кој е кренат за време на нацистичката окупација на Полска во Втората светска војна.


Од инвазијата на Полска во септември 1939-та година, логорот Солдау им служел на нацистите како место за транзит, затворање и убиство на полските противници, посебно Евреи.

Некои проценуваат дека во тој логор се убиени 30.000 затвореници, но досега историските извори не успеале тоа со сигурност да го потврдат.


Откритието на таа локација „овозможува да се потврди дека најмалку 8.000 луѓе се таму убиени“, рекол Томаз Јанковски, обвинител од „IPN“.

Бројот е проценет според тежината на пронајдената пепел.


Во 1944-та година еврејските затвореници биле натерани да ги ексхумираат телата на убиените и да ги запалат, за да се уништат трагите на нацистичките злосторства.

„Ќе можеме да објавиме ДНК анализа која ќе ни овозможи да дознаеме повеќе за индентитетот на жртвите, слично како што беше направено во поранешните логори Собибор и Треблинка“, рекол Андреј Осовски, научник за генетика од Медицинскиот факултет Поморје.