Чулев: Оставки на Спасовски и Османи затоа што тргнаа против својот народ

Макфакс

07/07/2022

12:17

1.529

Големина на фонт

а а а

„На вчерашниот протест Оливер Спасовски и неговите партиски пулени, исклучиво раководејќи се од партиски интереси и желба за зачувување на власта по секоја цена, дозволија да се случи сериозен безбедносен инцидент во кој лесно можеше да се случи да се изгубат и човечки невини животи, со понатамошни далекусежни последици по безбедноста и стабилноста на државата“.

Ова меѓудругото денеска на прес-конференција го изјави поранешниот министер за внатрешни работи од ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев.

Тој рече дека „Оливер Спасовски како министер за внатрешни работи е должен секогаш кога има протест да организира освен одржување на јавниот ред и мир и заштита на виталните државни објекти, да обезбеди и повторувам непречено одржување на протестот и заштита на безбедноста и животот на учесниците во протестот“.

„Речиси секогаш во досегашните оперативни планови секторот Мавровка односно плоштадот Скендербег е идентификуван како критична безбедносна точка. За време на вчерашниот инцидент, од причини познати на министерот, на оваа локација, каде е неопходно дури и висинско обезбедување, видливи беа само тројца позорникари. Ова значи дека целосно е потфрлено во физичкото обезбедување со непредвидување на доволен број на полициски сили и соодветни материјално-технички средства. Едноставно кажано Оливер Спасовски воопшто не водел грижа за безбедноста на граѓаните учесници во протестот“ обвини Чулев.

Тој потенцираше дека „Оливер Спасовски треба кривично да одговара и самиот да си поднесе оставка. Оставка треба да си поднесе и министерот за надворешни работи Бујар Османи кој повикуваше и се закануваше со етнички инциденти доколку не помине предлогот со кој Македонија ќе се асимилира и бугаризира“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг