(Видео) Очевидци за крвавиот настан во Копенхаген: Ги мамеше луѓето да му се приближат

Макфакс

04/07/2022

11:20

7.222

Големина на фонт

а а а

Напаѓачаот од Копенхаген се обидел да ги намами жртвите велејќи им дека неговото оружје е лажно, за да ги натера да му пријдат, раскажуваат сведоци на ужасниот чин што ја потресе Данска.

„Беше доволно психопат да лови луѓе, но не трчаше“, изјави очевидец за јавната телевизија ДР.

Кога одекнаа првите истрели, стотици луѓе се упатија кон излезот, покажаа снимките, додека други се сокрија во трговскиот центар.

„Одеднаш слушнавме истрели и брзо истрчавме во ходникот“, вели Изабела, која останала скриена два часа.

„Се плашев, многумина плачеа“, додаде таа.

Градоначалникот на Копенхаген изјави дека е формиран кризен штаб и дека е пружена психолошка помош.

„Ќерките планираа да одат на концертот на Хари Стајлс. Ми се јавија од ресторанот и ми рекоа дека некој пука“, изјавил за АФП, Ханс Кристијан Столц, 53-годишен Швеѓанец, кој дошол да ги земе своите деца на местото на настанот.

„Прво мислевме дека луѓето трчаат затоа што го виделе Хари, а потоа сфативме дека луѓето се во паника и дека трчаат да си го спасат животот“, изјавила неговата ќерка Касандра.

„Јас и мојот тим се молиме за загинатите во трговскиот центар во Копенхаген. Згрозен сум“, напиша британскиот пејач на „Снепчет“.

Данскиот премиер го осуди „суровиот напад“ во трговскиот центар каде што имало возрасни, млади и деца. Данската кралица Маргарет Втора и неколку странски лидери испратија сочувство, како и организацискиот одбор на велосипедската трка Тур де Франс.

Последниот напад во Копенхаген се случи на 14 и 15 февруари 2015 година, кога две лица беа убиени, а петмина ранети во неколку престрелки мотивирани од исламисти.



Спонзорирани линкови

Маркетинг