Макрон од Мадрид: Мислам дека најдовме решение за спорот помеѓу Македонија и Бугарија, се огласија и од Владата

Точка

30/06/2022

15:03

6.100

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, на прес-конференција во Мадрид на самитот на НАТО, соопшти дека Македонија и Бугарија постигнале компромис за надминување на спорот околу содржината на Преговарачката рамка со која Скопје треба да ги води преговорите со ЕУ.

„Мислам дека најдовме компромис околу спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија за Преговарачката рамка за влез во ЕУ“, изјави Макрон на маргините на самитот на НАТО во Мадрид.

Францускиот министер не соопштил детали околу можниот компромис, но можно е тој да не опфаќа експресно решение, туку начин и македонската страна да се изјасни за договореното преку консултации и во Собранието во Скопје, пренесува „Дојче Веле“.

Во таа насока говори и соопштението од Владата во Скопје објавено попладнево во кое се наведува дека „пристигнал предлог со идеи“ од француското претседателство со ЕУ.

Соопштението го пренесуваме во целост:

До Владата на Република Северна Македонија, преку Министерството за надворешни работи, од француското претседателство пристигна предлог со идеи кои се однесуваат на нашите jaвно изнесени позиции и ставови.

Ова претставува основа за отворање на широк консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со Претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата. 

Како што ветивме, одлуката за нашата иднина ќе ја донесеме заеднички, мериторно, согласно Стратешките интереси на земјата и на сите нејзини граѓани. 

Сакаме да упатиме благодарност до Претседателот Макрон и француското претседателство, за нивните напори да се надминат пречките и да се зачува европскиот кредибилитет на Балканот.


Според нивните информации, во Мадрид на овие теми разговарале двајцата министри за надворешни работи, Теодора Генчовска и Бујар Османи.

Двете спорни точки биле околу одржувањето на двете меѓувладини конференции - првата „политичка“ и втората формална по која всушност и би почнале пристапните преговори на Македонија со ЕУ. Бугарија бара на почетокот на преговорите да им претходи промена на Уставот со која ќе се овозможи впишување на Бугарите како конститутивен народ.

Втората спорна точна е внесувањето на Протоколите од меѓувладините состаноци во Преговарачката рамка.



Спонзорирани линкови

Маркетинг