Спој на сликарство и поезија за лицата со оштетен вид да ја доживеат уметноста, Ѓоргина Спасевска за „Точка“: „Да создаваме дела кои ќе променат барем миг во нечиј живот“

Точка

22/06/2022

21:49

84.654

Големина на фонт

а а а

Младата уметница Ѓоргина Спасевска која вели дека „уметноста за неа нема крај“, создаде уникатна изложба со која им овозможи на лицата со оштетен вид да ја искусат ликовната уметност на еден досега – поразличен начин.

Ѓоргина Спасевска е девојката која со право може да кажеме дека направи уникатен спој на сликарството и македонската поезија со изложбата „Допирот има меморија“ која изминатиов период беше претставена во МКЦ.

Ѓоргина за „Точка“ вели дека „овој проект го прави уникатен тоа што македонската поезија е испишана на површината на нејзините уметнички дела со – Брајово писмо“ и дека истиот ѝ овозможил да „ги види предизвиците со кои се соочуваат лицата со оштетен вид од нашето општество“.

Што ни отки Ѓоргина за себе, за љубовта кон уметноста и нејзиниот проект, прочитајте во продолжение.

1. Која е Ѓоргина Спасевска надвор од светот на уметноста?

Сурово е да се ограничуваме себеси со дефиниции и да се гледаме надвор или во некој концепт. Јас сум многу работи и во уметноста и надвор од неа.

Јас сум сето она што ме прави среќна, сето она што не сакам, сето она што ми дава спокој и сето она што ми дава немир.


2. Дали сликарството за тебе беше љубов на прв поглед и доколку „да“, како се случи тоа?

Уметноста била дел од мене секогаш, не било момент - љубов на прв поглед. Некако секогаш тлеел во мене поривот креативно да се изразам. Детството го поминав цртајќи илјадници слики од човековото тело, дланки, портрети. Би рекла дека уметноста нема крај, само созреваме со тек на време.

3. Од каде идејата за ваков уникатен проект – спој на сликарство и македонска поезија?

Проектот го прави уникатен тоа што македонската поезија всушност е напишана на површината на сликите со Брајово писмо. Оваа техника дозволува освен визуелно, луѓето со оштетен вид тактилно да ја доживеат уметноста на свој уникатен и единствен начин.


4. Наброи ни дел од стиховите кои се испишани на сликите...

Стиховите кои ги одбрав се уметност од зборови кои поттикнале во мене некоја визуелна инспирација.

Дел од стиховите се од богатото творештво на некои од најпознатите македонски автори Петре М. Андреевски, Ацо Шопов, Анте Поповски.

„Сама себеси врата - сама себеси клуч.“ - Анте Поповски;

„Цел живот верував дека е жена
не знаев дека е Бог,
само тој не копнее по ништо.“ 
- Анте Поповски;

„Ама срцето човечко било бунар: само се полни, а не се преполнува.“ - Петре М. Андреевски.

Визуелната интерпретација на овие стихови направија совршен спој меѓу две уметности.


5. Како реагираа лицата со оштетен вид на изложбата? Дали можеш да ни издвоиш некој момент кој ти остави најголем впечаток?

Овој проект ми овозможи да ги видам предизвиците со кои се соочуваат лицата со оштетен вид во нашето општество. Самото вклучување во ваков проект им овозможи едно поинакво искуство, и позитивниот исход се забележа на нивните лица, што ми претставуваше особена чест и задоволство.

6. Која е пораката која ја испраќаш со ваков вид на изложба?

Да создаваме дела кои ќе ја праќаат пораката. Дела кои позитивно ќе променат барем миг во нечиј живот.


7. Дали Македонија има „око“ за сликарството како уметност или си размислувала да твориш надвор од нејзините граници?

Јас не би ставала географски граници на уметноста.

На светот му треба уметност, кај и да твориме уметноста сама по себе си го наоѓа својот пат надвор од границите.


8. Кои се твоите планови за во иднина?

Да си дозволиме да бидеме присутни и да уживаме повеќе во моментот. :))




Спонзорирани линкови

Маркетинг