Гастритисот претставува воспаление на желудочната слузокожа која е заштитна бариера на желудникот, а ако таа е оштетена или слаба, желудочната киселина започнува да ја нагризува и да предизвикува низа непријатни симптоми.
Најчеста причина за појава на гастритис е Хеликобактер пилори, а воспаленијата предизвикани од оваа бактерија можат да доведат до сериозни облици на гастритис.
Бактеријата Хеликобактер пилори е поврзана со различни патолошки состојби, а иако голем број луѓе ја имаат, се покажало дека не сите развиваат исти симптоми. Нејзиното лекување е важно бидејќи хроничниот гастритис може да значи и зголемен ризик од појава на чир, но и рак на желудник.
Но, треба да се знае дека иако е опасна, оваа бактерија се лекува. Покрај бактериска инфекција, гастритисот може да биде и резултат на нездрави животни навики како пушење цигари, пиење алкохол и нездрава исхрана.
Исто така, долготрајната употреба на лекови против болки може да предизвика и акутен и хроничен гастритис, а постарите лица имаат зголемен ризик од развој на гастритис бидејќи слузницата на желудникот природно се истанчува со текот на годините.
Најчести симптоми на гастритис:
- надуеност и ждригавица
- болка во горниот дел на стомакот
- чувство на „печење“ во стомакот кое се искачува кон устата
- мачнина и повраќање
- необјасниво губење на тежина
- губење апетит
- брзо заситување во текот на оброците
- несвестица и вртоглавица
- забрзано чукање на срцето и краток здив
- прекумерно потење
- црна столица
Кај пациентите со гастритис на јазикот често се формира светлосив или темносив слој, во зависност од тежината на болеста. Ова можете и сами да го проверите со лажица – поминете со неа преку јазикот за да изгребете дел од слојот и погледнете ја неговата боја. Потемна боја најчесто се покажува кога болеста веќе напредувала.