Архиепископот Стефан: 55 години седевме и чекавме во тремот, сега имаме кој да ни нацрпи вода

Макфакс

24/05/2022

12:54

4.195

Големина на фонт

а а а

Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан се заблагодари на Српската православна црква и српскиот Патријарх Порфириј за признавањето на автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија. Тој посочи дека ова е историски период како и празник за сите Христијани во Македонија, без разлика на национално потекло. Тој посочи дека и предците се радуваат гледајќи ги радоста и единството.

„Верувам дека деновиве конечно е радосен и Арсениј, последниот охридски архиепископ, а и архиепископот Доситеј и патријархот Герман и сите кои искрено сакаа да ја видат возобновена Охридската архепископија. Кога некој ја чита историјата на Охридската црква, се соочува со црква која не воспоставува граници, која ниту денес не ја користи самостојноста за да се изолира, туку да стане поблиска со другите, да биде тоа што се и другите, неоткинлив и суштински дел на една апостолска црква“, посочи г.г. Стефан.

По признавањето на автокефалноста од СПЦ, Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан рече: „55 години седевме и чекајќи во тремот и ненаоаѓајќи некој да се погрижи за нас. Потоа ни пристапи друг човек, нашиот собрат и денешен сослужител, неговата светост српскиот Патријарх Порфириј. И еве сега имаме и кој да ни нацрпи вода. Сега и сите ќе видат колку е нашата нива плодна и дека посеаното стигнало за жетва. Црквата не е федерација од помесни цркви туку од секогаш била една и единствена, обединета од духот свет, како единствено цело на целото човешство. Нејзина цел е да го обедини човекот во себеси и да го освети“.

Обраќањето на г.г Стефан беше поздравено со аплауз од илјадниците верници во Соборниот храм. Архиепископ Охридски и Македонски кажа дека сега македонската црква не тагува туку се радува на братската љубов.

„Бог ни даде ден во кој дочекавме да ја слушнеме одамна посакуваната и очекуваната вест. Затоа уште еднаш ваша свестост, Вам и членовите на Архиерскиот собор, Ви благодариме. Стоејќи трепетно во овој момент, овој свештен собор, во мене, оѕвонуваат зборовите за црквата: ‘Целата си убава и дамка нема на тебе’. Ја гледам токму убавината на црквата и длабоко ги разбирам зборовите на Апостолот на народите кој вели дека Христос е глава на телото односно на црквата, а ние сме членови на неговото тело. Затоа од длабочината на душата воскликнувам фалејќи го Бога за неговиот дар, за црквата, па велам: ‘Постојано те величаме тебе Христе, кој неискажливо ги соедини небесното и земното и ја создаде единствената црква на ангелите и луѓето’. Еве нам и денес ни се нуди таа несовршена заедница, која е чиста и долгорочна, чија чистота со ништо не се осквернува и со ништо не може да се одземе. Која е од едниот до другиот крај на Вселената.“



Спонзорирани линкови

Маркетинг