Украинка се искачи на Монт Еверест и испрати силна порака до светот: „Знамето треба да се вее како симбол на непобедливоста на нашиот дух“

Точка

14/05/2022

17:40

3.196

Големина на фонт

а а а

Украинката Антонина Самоилова оваа недела се искачила на Монт Еверест во склоп на експедицијата чија цел била да се покаже „непобедливоста на украинскиот дух“.

„За жал, оваа година немаше украински експедиции на Еверест. Војната ги уништи соништата на милиони луѓе. За некои сонот беше да се искачат на Еверест, но тоа нема да се случи во 2022 година“, напишала Самоилова на Инстаграм.

„Но, сметам дека украинското знаме треба да се вее на врвот на највисоката планина на светот, особено оваа година! Како симбол на непобедливоста на духот, силата на верата и националниот карактер“, додала таа.

Антонина се надева дека нејзиниот потфат ќе го подигне моралот на нејзините сонародници и претседателот Володимир Зеленски, додека Русија продолжува да ја бомбардира Украина во војната која трае веќе 3 месеци.

Нејзиниот татко и брат се борат против Русите, кажала таа, додавајќи дека верува дека Украина ќе излезе како победник од војната.

Самоилова, која води ресторан со својот партнер во Киев, се искачила на голем дел од највисоките планини во светот, според информациите од нејзината веб-страница. Одлуката за искачување на Еверест била донесена во последен момент, изјавила таа за „Everest Chroniclе“.

Украинската алпинистка го освоила врвот во четвртокот рано наутро.

„Претходната ноќ ја помина во кампот 2 и безбедно пристигна во базниот камп“, изјавил Химлал Гаутам, офицер за врски на непалската влада за ДПА во базниот камп Монт Еверест.

За планинарите на Еверест, врвот на сезоната е напролет.



Спонзорирани линкови

Маркетинг