Што се случува со оружјето пратено во Украина? Американците не знаат во чии раце би можела да заврши опремата вредна милијарди долари

Точка

20/04/2022

23:23

112.321

Големина на фонт

а а а

САД немаат многу начини да ги следат значајните резерви на противтенковско, противавионско и друго вооружување кои се пратени во Украина, велат извори за "CNN''.

Оваа "слепа точка" е во голема мерка последица од отсуството на американска војска на терен и лесната преносливост на помалите системи кои сега ја минуваат границата. Администрацијата на Бајден е свесна за тоа и подготвена е да го преземе тој ризик.

Краткорочно, САД го гледаат преносот на опремата вредна стотици милиони долари како витална способност на Украинците да се одолеат на инвазијата на Москва. Висок службеник од одбраната рекол дека тоа е сигурно најголемата пратка за некоја партнерска земја која е во конфликт. Но ризикот, велат американските службеници и аналитичари од одбраната, е дека долгорочно, дел од тоа оружје би можело да заврши во рацете на другите војски и милиции кои САД не планирале да ги вооружат.

Извор упатен во американските разузнавачки служби рекол дека Вашингтон во кратко време може да прати оружје но дека "кога ќе влезе во маглата на војната, немаме ништо", опремата паѓа во длабока црна дупка и по кратко време исчезнува.


При донесувањето на одлуката да прати милијарди долари оружје и опрема во Украина, администрацијата на Бајден го земала предвид ризикот дека некои од пратките на крајот ќе завршат на неочекувани места, рекол службеник од одбраната. Но сега, рекол службеникот, администрацијата го смета неуспехот за адекватно вооружување на Украина како поголем ризик.

Бидејќи американската војска не е на терен, САД и НАТО во голема мера се потпираат на информациите кои ги пружа украинската влада. Приватно, службениците признаваат дека Украинците даваат само информации кои ќе ги зајакнат нивните аргументи за повеќе помош, повеќе оружје и поголема дипломатска помош.

„Тоа е војна - се што тие прават и кажуваат јавно е осмислено да им помогне да победат во војната. Секоја јавна изјава е информативна операција, секое интервју, секое емитување на настап на Зеленски е информативна операција“, рекол извор запознаен со западните разузнавачки служби. „Тоа не значи дека грешат што го прават тоа“.

Со месеци американските и западните службеници нуделе детални извештаи за тоа што Западот знае за статусот на руските сили во Украина: бројот на жртви, борбената моќ, резервите на оружје, каква муниција користат и каде. Но, кога станува збор за украинските сили, службениците признаваат дека Западот - вклучувајќи ги и САД - има некои дупки во информациите. Западните проценки за украинските жртви се исто така нејасни.

„Тешко е да се влезе во трага кога никој не е на терен“, рекол еден извор запознаен со разузнавачките податоци.


Прашање на видливост

Администрацијата на Бајден и земјите на НАТО велат дека и обезбедуваат оружје на Украина на основа на тоа што украинските сили кажуваат дека им е потребно, дали се работи за преносливи системи како проектилите "Џавелин" и "Стингер" или словачкиот систем за противвоздушна одбрана "S-300" кој е пратен минатата недела.

Ракетите и пушките и муницијата природно се потешки за следење отколку поголемите системи како "S-300", кој е испорачан со железница. Иако џавелин имаат сериски броеви, има малку начини да се следи нивниот пренос и употребата во реално време, велат извори запознаени со ова прашање.

Минатата недела САД прифатиле на Киев да му обезбедат опрема со голема сила за која некои службеници од администрацијата на Бајден до пред неколку недели сметале дека претставува преголем ризик за ескалацијата, вклучувајќи 11 хеликоптери "Mi-17", 18 топови и уште 300 "Switschblade" дронови. Но, голем дел од опрема се уште не е "он-лајн", а споменатите мобилни дронови за еднократна употреба е тешко да се следат.


„Не би можел да ви кажам каде се наоѓаат во Украина и дали Украинците ги користат во овој момент“, им рекол на новинарите минатата недела висок службеник за одбрана. „Не ни поднесуваат извештај за секоја мета и време на употреба на оружјето. Можеби нема никогаш точно да знаеме во кој степен ги користат дроновите“.

Камионите натоварени со палети оружје кое ги обезбедило Министерството за одбрана ги собираат украинските вооружени сили - првенствено во Полска - и потоа ги носат во Украина, рекол Џон Кирби. "На Украинците е потоа да одредат каде оди оружјето и како ќе се распореди во земјата", додал тој.

Извор од Конгресот истакнал дека, иако САД не се на терен во Украина, Вашингтон има алатки да дознае што се случува без разлика на тоа што го зборуваат Украинците, нагласувајќи дека САД во голема мера користи сателитски снимки и изгледа дека и украинската и руската војска користат комерцијална комуникациска опрема.

Друг извор од Конгресот рекол дека американската војска смета дека информациите кои ги добива од Украина се во главно доверливи, бидејќи САД ја обучуваат и опремуваат украинската војска веќе осум години, развивајќи силни односи. Но, тоа не значи дека не постојат слепи точки, рекол изворот, како што е оперативниот статус на украинските "S-300". Џордан Коен, аналитичар за одбрана и надворешна политика на Институтот CATO кој се фокусира на продажба на оружје, рекол дека најголемата опасност е врзана за поплавата од оружје кое се слева во Украина, е тоа што ќе се случува кога војната ќе заврши или премине во некој вид на долготраен застој.


Таквиот ризик е дел од секое разгледување кога се праќа оружје во странство. САД со децении праќале оружје во Авганистан, прво да го вооружат муџахедините во нивната борба против советската војска, а потоа да ги вооружат авганистанските сили во нивната борба против талибанците.

Нешто од тоа оружје завршило на црниот пазар, вклучувајќи противвоздушни ракети Стингер, истите кои САД сега ги праќа во Украина.

Познато е дека САД се бореле да ги вратат стингерите по советската војна во Авганистан. Не успеале да пронајдат се и кога самите извршиле инвазија на Авганистан во 2001-ва година, некои службеници стравувале дека талибанците би можеле да ги користат против САД.

Голем дел од оружјето завршило во рацете на американските противници. Тоа што САД го оставиле да им помогнат на авганистанските сили станало дел од арсеналот на талибанците по колапсот на авганистанската влада и војска.


Проблемот не е само во Авганистан. Оружјето продадено на Саудиска Арабија и ОАЕ се нашло во рацете на борците поврзани со Ал-Каеда и Иран.

Ризикот слично сценарио да се случи во Украина исто така постои, признал службеник на одбраната. Генералниот инспектор на Министерството за одбрана во 2020-та година објавил извештај во кој изразил загриженост поради следењето на крајната употреба на оружјето кое се праќа во Украина. Но, имајќи ги предвид речиси незаситните краткорочни потреби на украинските сили за повеќе оружје и муниција, долгорочниот ризик дека оружјето ќе заврши на црниот пазар и во погрешни раце се смета за прифатлив, рекол службеник.

„Ова би можело да биде проблем за 10 години, но тоа не значи дека не би требало да размислуваме за тоа“, рекол Коен, аналитичар на "CATO". „Повеќе од 50 милиони парчиња муниција - сета таа муниција нема да биде користена само за борба против Русите. На крајот таа муниција ќе се злоупотреби, намерно или не“, заклучил тој.




Спонзорирани линкови

Маркетинг