Како Русија со помош на моќниот сојузник успева да им одолее на западните санкции

Точка

15/04/2022

17:48

104.301

Големина на фонт

а а а

Поради се поголемиот број на западни земји кои и воведуваат санкции на Русија, властите на таа земја се принудени да ја зајакнуваат соработката со источните партнери. Иако Европа не донела одлука за ембарго на руските енергенти, која би им наштетила на европските земји исто колку и на Русија, постојат сојузници кои никогаш не би му го завртеле грбот на Кремљ.

Од почетокот на војната во Украина, Пекинг одбива да и воведе санкции на Русија нарекувајќи ги илегални, а трговијата меѓу двете земји во минатиот месец скокнала за неверојатни 12,75 проценти.

Податоците на кинеските царински служби покажуваат дека трговијата меѓу Кина и Русија во март е зголемена за дури 11,7 милијарди долари. Кога станува збор за првиот квартал оваа година, забележан е раст во трговијата за 30,45 проценти во однос на истиот период минатата година.


Пекинг: Санкциите се илегални

Кинеските службеници од почетокот на војната во Украина одбиваат да го користат зборот "инвазија", како и да ја осудат агресијата на Украина. Меѓутоа, санкциите кои западните земји ги воведуваат се оценети како илегални, поради што Кина нема да донесе толку драстична одлука.

Русија е главен кинески извор на нафта, јаглен, гас и земјоделски производи. Пред самиот почеток на војната, Кина и Русија објавиле дека стапуваат во стратешко партнерство без граници. Кина така би можела делумно да ги олесни руските проблеми предизвикани од западните санкции.

Иако Европската унија како целина останува убедливо најголем трговски партнер со Русија, Кина јасно ја искажала подготвеност за продлабочување на соработката во секој аспект.

„Неизбежно е трговијата меѓу ЕУ и Русија да се намали поради санкциите. Моменталната криза го изостри фокусот внатре во ЕУ на потребата од диверзификација во снабдувањето“, смета трговскиот економист Ребека Хардинг.


Руски енергенти во Кина

Кина е еден од најголемите пазари на руска нафта, гас и јаглен.

Само една недела пред инвазијата на Украина, двете постигнале нов договор за јаглен вреден повеќе од 20 милијарди долари.

Путин исто така ги претставил новите руски договори за нафта и гас со Кина во вредност од 117,5 милијарди долари.

Двете земји имаат за цел изградба на нов гасовод - Сила на Сибир 2. Постоечкиот почнал со работа во 2019-та година, кога бил потпишан договор на 30 години, вреден повеќе од 400 милијарди долари.

Меѓутоа, досега најголем енергетски пазар на Русија била ЕУ, со оглед на фактот дека Русија испорачува 40 проценти од гасот во земјите членки на ЕУ и околу 26 проценти од својата нафта. И ова е пазар кој Кина може да го надомести, во случај до дојде до намалување на испораката на енергенти во Европа, или до целосно прекинување.

„Рускиот извор на нафта и гас во Кина растел по стапка од преку 9 проценти годишно во последните пет години. Ова е брз раст, а Кина е двојно поголем пазар од Европскиот за руската нафта“, објаснила Хардинг.

Лидерите на ЕУ веќе најавиле дека планираат намалување на зависноста од руските енергенти постепено, а процесот, според сегашните планови, ќе биде завршен до 2030-та година.


Помош за банките

Уште една област во која Кина може да претставува спас за Русија е банкарскиот систем. Еден дел од санкциите на Западот се однесуваат на меѓународниот платен систем "SWIFT" од кој Русија е исфрлена.

Ова ги принудило компаниите во Кина, но и другите делови од светот да го намалат купувањето од Русија додека не се стабилизира системот за плаќање. Меѓутоа, Кина и Русија претходните години работеле на постигнување на алтернативни методи за плаќање.

Русија има свој систем за пренос на финансиски пораки (STFM), додека Кина има систем за прекугранично меѓубанкарско плаќање (CIPS), а двете функционираат со сопствени валути.

Моментално околу 17 проценти од трговијата меѓу Русија и Кина се користи кинески јуан како официјална валута за плаќање, покажуваат извештаите на руските статистички компании. Некои извештаи дури и сугерираат дека и неколку кинески компании користеле јуан за купување на руски јаглен и нафта во претходниот месец.


Храна

Кина е голем увозник на житарки како пченица и јачмен, а најважната локација од каде доаѓаат овие производи е Русија - еден од најголемите светски произведувачи.

Кина до неодамна поставувала ограничувања на увозот на пченица и јачмен од Русија, но сите биле уканите на денот кога почнал рускиот напад на Украина.

Како ќе се развива ситуацијата со руските енергенти и Европа во иднина во моментов е неизвесно, а со оглед на негативниот став кој кон ембаргото го имаат Германија, Австрија и Унгарија, сигурно е дека Кина ќе биде еден од најважните партнери на Русија во наредниот период.



Спонзорирани линкови

Маркетинг