И покрај платеното здравствено осигурување, најголем дел од граѓаните кои се соочија со вирусот Ковид-19, мораа да одат во приватни лаборатории.
А, таму ги дочекаа изгор цени. За ПЦР тест се плаќаше околу 2.500 денари, за крвна слика со дидимери и со CRP – 1.500 денари, за антитела – 1.200 денари. Во екот на пандемијата, термини во државните лаборатории немаше и граѓаните беа принудени да плаќаат приватно.
Препораката на лекарите беше почесто контролирање на дидимери, а тоа значеше дека болните од Ковид-19 неколку пати мораа да посетат приватна лабораторија. Сепак, приватните лаборатории ја пополнија „дупката“ во државниот здравствен систем, обезбедувајќи ги здравствените услуги, поврзани не само со вирусот, туку и со другите здравствени проблеми.
Според податоците од платформата БизнисМрежа.мк, минатата година во приватните лаборатории граѓаните оставиле најмалку 21 милион евра. Толкав бил вкупниот приход во Авицена, Биотек, Никоб Лаб и Синлаб, додека нивната вкупна нето-добивка е околу 7,8 милиони евра, што покажува висока профитабилност на лабораториите.
Од минатата година кон приватните лаборатории се придружи и „Никоб лаб“ и она што беше карактеристично за оваа лабораторија е што на самиот старт на работа понуди пониски цени отколку другите и како нова лабораторија успеа да направи голем промет.
Секако, во минатата година, голем дел од заработката на лабораториите се должеше и на ПЦР тестовите и на брзите антигени тестови, што граѓаните ги правеа поради патувања.
Какви приходи остварувале лабораториите?
Износите се во евра | Извор на податоци: БизнизМрежа.Мк
Анализата на податоците што ја направи порталот „Пари“ покажува дека минатата година најмногу пари граѓаните оставиле во „Авицена“ – дури 7,1 милиони евра. На второ место е „Биотек“ која направи промет од лабораториските анализи во износ од 6,1 милион евра, „Никоб лаб“ имал приход од 4 милиони евра, додека „Синлаб“ е со реализација од 3,8 милиони евра.
Светската здравствена организација прогласи пандемија на 11 март 2020 година. Но, како што може да се види од податоците, тие лани оствариле многу поголем промет отколку во 2020 година. Ланскиот приход бил 21 милион евра, а прекланскиот 9,9 милиони евра. Пред пандемијата пак, во 2019 година, прометот, а со тоа и оставените пари од граѓаните за лабораториски услуги во приватните лаборатории, бил повеќе од двојно помал отколку во 2020 година и изнесувал 4,67 милиони евра. Во 2018 година, вкупниот промет бил сличен, но помал и изнесувал 4,16 милиони евра.
Какви профити оставиле лабораториите?
Како што растел прометот во текот на минатата година, очекувано растеле и добивките на компаниите кои се занимавaат со лабораториска дејност.
Убедливо најголема добивка, како и најголем промет, имала „Авицена“. Притоа, нејзината стапка на профитабилност како сооднос на нето-добивката во однос на вкупниот приход изнесувала 39,4%.
Втора по остварена добивка е „Биотек“ со профит од 2.600.000 евра и со стапка на профитабилност од 42,6%.
Остатокот од текстот можете да го прочитате ТУКА.