Ракометарот на клубот Бутел, Денис Тот, бил донесен на скопската Клиника за реанимација без траги на насилство, информираат од МВР.
Ваквата информација пристигна откако медиумите претходно пренесоа дека Тот бил претепан во еден скопски клуб и според информациите имал бројни повреди по целото тело и веројатно бил удиран со тапи предмети, но и со раце и нозе.
„Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека вчера (07.04.2022) во 04:11 часот од Клинички центар во СВР Скопје е пријавено дека кај нив во бессознание, без видливи траги на насилство е донесен Д.Т. и веднаш му е пружена лекарска помош. СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот и за тоа соодветно ќе ја известиме јавноста“, информираа од полицијата.
Од ракометарскиот клуб доцна синоќа потврдија дека тој се наоѓа во тешка состојба и се бори за својот живот.
„Родителите се на пат кон Скопје, но немаме информации што точно се случило“, изјавил братот на Денис Тот, кој кариерата ја гради во Холандија.