(Видео) Бојан Јовановски во завршните зборови: Поддршка од Заев имав од првиот ден на формирањето на „Меѓународен сојуз“

Точка

18/03/2022

12:17

5.233

Големина на фонт

а а а

Првообвинетиот во случајот „Меѓународен сојуз“, Бојан Јовановски – Боки 13, денеска во Основниот кривичен суд – Скопје во завршните зборови рече дека е горд што бил претседател на невладината организација „Меѓународен сојуз“, која, како што нагласи, не добила ниту еден денар државни пари, туку финансирањето било од бизнис секторот.

Јовановски изјави дека е горд на два потпишани договори, кои, според него, се општествено корисни и од капитално значење за државата.

Тој вели дека поранешниот премиер бил информиран за работата и проектот на организацијата.

„Поддршката од Владата, од Зоран Заев, јас лично ја имав од првиот ден од формирањето на „Меѓународен сојуз“. Меѓутоа, обвинителството тоа го нарече поттик кој е голема форма, кога доаѓа од лице кое ја извршува најголемата функција во државата. Заев беше информиран за работата и за проектот за изградба на дом за стари лица“, кажа Јовановски.

Тој напомена дека во судницата биле споменувани 719.000 евра, и други цифри но за нив нема докази.

„Најлесно беше да удрат по Бојан Јовановски. Народот ќе рече, не можеш по магарето, па удри по самарот. Па сега како самар ќе кажам повеќе за магарето“, истакна Јовановски.

Идејата за изградба на старечки дом, како што рече тој, ја добил во разговор со бизнисменот Силјан Мицевски.

„Во Скопје, Охрид и Гевгелија или Дорјан. Тие беа трите точки каде требаше да се изградат старечките домови. Проектот беше по мотив, волја, желба на бизнисменот Мицевски. И тоа на негово земјиште во Битола, за кое беа платени комуналии за зграда. Сакаше таму да гради“, рече Јовановски.

Во завршните зборови Јовановски посочи дека од бизисменот Адријан Амзоски примил 350.000 евра во готовина и дека за тоа не знаеле Фросина Ременски и Јасна Мандиќ – Ерцеговиќ, туку дека со тоа биле запознаени Зоран Заев, Александар Кирацовски и Стефан Богоев.




Спонзорирани линкови

Маркетинг