(Видео) Пеливанов: Боки 13 направил голема измама, а Ременски свесно му помогнала

Макфакс

16/03/2022

13:11

2.625

Големина на фонт

а а а

Судот да ги прогласи за виновни Бојан Јовановски-Боки 13, Фросина Ремнски, Јасна Ерценовиќ, Миле Јовановски и асистентката Христина Блажевска, побара Обвинителството.

Обвинителката Ивана Трајчева тврди дека докажа вина кај Бојан Јовановски-Боки 13, Фросина Ремнски, Јасна Ерценовиќ, Миле Јовановски и асистентката Христина Блажевска. Таа во судницата ги слушаше завршните зборови кои ги напиша за „Меѓународен сојуз“, а ги презентираше нејзиниот колега Трајче Пеливанов. Ова е последица на тоа што Трајчева нема мандат, бидејќи утре треба да се одлучи дали ќе остане обвинителка за гонење организиран криминал.

„Предлагам судот да ги осуди на казна соодветна на стореното кривично дело. Предлагам судот да им наложи да ја надоместат штетата, а која настанала при извршување на кривичното дело измама“, кажа Пеливанов.

Според Пеливанов, Јовановски ветувал изградба на старечки домови, а не планирал да ги реализира проектите. Тој тврди дека докажале дека ако Фросина Ременски не одела на состаноци со бизнисмени – Јовановски немало да склучи договори преку „Меѓународен сојуз“ со бизнисмени. Побара осудителна пресуда и за Јасна Ерцеговиќ и асистенката Христина Блажевска, со тврдење дека докажале помагање.

„Во текот на постапката се докажа дека обвинетите ги сториле делата. Оваа постапка се води за наводно хуманитарно здружение и неговото раководство, чија хуманитарност остана на хартија, а се случи измама. Измамата е за личните интереси на Бојан Јовановски, првиот човек на ова хуманитарно здружение. Тој бил помогнат, а не од било кого, туку од личности кои не биле случајно избрани. Сѐ што правеле, правеле заедно. Како ќе измамите некого да ви плати 719.905 евра, ако позади вас нема некој што има долгогодишно искуство во овие работи и некој кој за вас ќе направи било што. Тука биле поставени луѓе блиски до Бојан Јовановски“, кажа Пеливанов.

Обвинителот посочува дека и сведоците го потврдиле истото.

„Од изведените материјални и вербални докази се докажа дека Јовановски ги довел во заблуда оштетените Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски кои се сопственици на фирми, а со цел да набави протиправна имотна корист за себе. Двајцата кажа дека од Бојан Јовановски им бил презентиран проект за старечки домови и дека ќе обезбеди државно земјиште. Тие утврдиле дека имале исплатливост од тоа, склучиле и договор. Но пред договорите, имало убедување на состаноци каде биле Бојан Јовановски, Фросина Ташевска-Ременски, Јасна Ерцеговиќ. Јовановски знаел дека не може да се обезбеди земјиште за објектите, но не им кажал на оштетените. Тој ги држел во заблуда, со цел да извлекува парични средства од нив. Упорноста на Јовановски не се утврди само од оштетените, туку и од сведоците Агапи Дика, Јордан Камчев, Лилјана Тодоровска“, рече Пеливанов.

Според обвинителот, парите кои на Лилјана Тодоровска и биле замрзнати од Финансова полиција, а потоа и биле одмрзнати по што ги извадила во кеш – не било доказ дека истите се легални.

„Судот нема причина за да не им поклони верба на сведоците и оштетените, со оглед дека исказите се поклопуваат со материјалните докази со кои Обвинителството докажа дека Јовановски примил пари во кеш од Амзоски, па откако сфатил дека бил измамен, Јовановски му ги вратил. Ова се докажа и од сликите на Јовановски. Зошто Јовановски би му враќал пари на Амзоски ако овој проект не се реализирал од објективни причини“, додаде тој.

Обвинителот тврди дека експремиерот Зоран Заев дал поттик за реализација на проектот, но не помогнал, па додаде: „Идно време било, а не сегашно“.

„Средбите и сликите немало да завршат работа ако ја немало Фросина Ташевска-Ременски. Неспорно се докажува улогата на Ременски а тоа е дека зад проектите стои и извршната власт. Јасно и неспорно произлегува свесноста за помагање на Јовановски за кривичното дело измама, бидејќи знаела дека извршната власт не стои зад проектите. Но и покрај ова, Ременски одела на состаноци со оштетените, при презентација на договорите. Тие кажаа дека ако не била Ременски, потпретседател на СДСМ и Собранието, немало да склучат договори со Меѓународен сојуз. Не е зачудувачки овој заклучок на обвинетите, со оглед дека таа била само почесен претседател, немала функција. Таа разработувала проекти, што докажува дека била многу повеќе од почесен претседател. Неточно е дека обвинителството сакало да и наштети на авторитетот. “, рече обвинителот.

За Јасна Ерцеговиќ, обвинителот рече дека обвинетата знаела што се правел Бојан Јовановски и што се случува во „Меѓународен сојуз“.

„Од сите сослушани сведоци произлезе дека тие во врска со проектот контактирале единствено со Јасна Ерцеговиќ. Дека таа поединечни денови патувала во Грција, не била постојано во Меѓународен сојуз, не можела да биде доказ дека не била запознаена што се случува. Обвинетата Ерцеговиќ била во тек со се што се случувало, свесно му помогнала на Јовановски да стори дело измама“, кажа обвинителот

За асистенката Христина Блажевска, обвинителот рече дека од доказите произлезе дека и таа му помагала на Јовановски.

„Учествувала во тековното административно работење. Заедно со Ерцеговиќ ја однеле сведокот Лилјана Тодоровска за да ги извади парите од Комерцијална банка. Неспорно се докажува вмешаноста. Таа со лицето Кирил Ефремовски разговарала за креирање на фиктивни фактури, наводни донации. Неспорно произлегува вмешаноста на Христина Блажевска во сторувањето на делото измама“, додаде Пеливанов.

Адвокатот на Јовановски: Боки 13, неговиот татко и асистенката се невини

Бојан Јовановски-Боки 13, неговиот татко Миле Јовановски и асистентката Христина Блажевска се невини, посочи неговиот адвокат Сашко Дуковски пред судот. Тој рече дека има договор помеѓу „Меѓународен сојуз“ кој бил склучен со две фирми, а Обвинителството сака да посочи дека тој е направен за да биде направена измама и додаде: „Јас такво нешто немам видено“. Дуковски кажа дека договорот е граѓанско-правен однос, а за негово неисполнување не може да се одговара кривично. Дециден е дека се неточни обвинувањата дека станува збор за измислен проект, посочувајќи за одржани состаноци, ангажирани професори и асистенти од факултет, потпишани договори: „Тврдам дека нема ‘и’ од измама, а не пак, перење пари“. Адвокатот рече: „Наместо да бидат општествено наградени, тие се обвинети.

„Обвинението претставува законски недозволена компилација на правни наводи, со цел, ако се нафрлат повеќе факти, тогаш да се смета дека обвинетите го извршиле кривичното дело. Прво се вели дека Бојан Јовановски ги искористил документите на ‘Меѓународен сојуз’, па потоа, како физичко лице ги врши измамите. Или е едно или е друго. Не може дејствието да биде стави се што сметаш, па нешто ќе помине. Мене не ми е јасна една работа, зошто во ниту еден момент не беа споменати двата договори склучени со „Пелистер“ и „Дрим билдинг“, а мораа да бидат споменати. Ова е веројатно прв случај во историјата за ваква наводна измама, а прв е затоа што не може да има ваква измама“, посочи Сашо Дуковски.

Тој додаде дека скоро секој во државава го познава стопанственикот Силјан Мицевски, па посочи: „Бојан го измамил Силјан? Бојан? Кој може да ме убеди во тоа? А немал ни таква намера. Треба да имате докази за тоа, а не да кажувате имало средби, присуствувале други. Да добиел пренамена на земјиштето, сега таму ќе имаше објект за стари лица“. Дуковски додава: „Нека се обиде било кој од нас да му побара на Силјан Мицевски 70.000 денари, а не 700.000, па да видиме дали ќе ги добие“.

„Ардијан Амзоски не е ништо повеќе од полномошник во 2017 година на ‘Дрим билдинг’ и не може да биде оштетен. Кој е оштетен Силјан Мицевски или „Пелистер“? Не знам дали Силјан е оштетен или сведок, а третиран е како сведок. Како тоа е Силјан Мицевски измамен од страна на Бојан Јовановски кога тој на расправа пред овој суд на 29.04. 2021 година наведува дека прочитал во дневна нова за овој проект и затоа пристапил и стапил во контакт со Меѓународен сојуз, се со цел да се остварат тие проекти кои што се однесуваат на Меѓународниот сојуз а тоа е изградбата на дом за стари лица. Од кога овој сведок почувствува дека е измамен? Дали почувствува во моментот кога даваше исказ пред Обвинителството во својство на граѓанин кој дава известие? Па и тогаш, а и надвор, наведе дека не се чувствува измамен и дека верува во тој проект. И одеднаш се поставува измамен откако доби финансова контрола и беше под наводници да поднесе кривична пријава за измама. Судот не го прифати тој доказ за да се утврди тоа“, додаде Дуковски.

Нему не му е јасно како Агапи Дика, претседател на Собранието на „Меѓународен сојуз“ може да биде сведок, а не обвинет, иако ги потпишувала сите одлуки на здружението, со вака поставено обвинение: „Не ми е јасно ако е ваква состојбата, како Дика и Кухар не се обвинети“.

„За овој договор со „Пелистер“ има повеќе акциски планови, а и самиот Силјан Мицевски биле ангажирани стручни лица, а од ‘Меѓународен сојуз’ биле ангажирани професори и асистенти од Градежниот факултет. Значи имате разговори, договори, акциски планови – но не, не е доволно, Бојан измамил.

„Лилјана Тодоровска лаже, беше откриена на неколку пати при директно испитување! Не може да му се верува на такво сведочење! Таа жена прима на сметката каде е единствен потписник, износ од 719.000 евра во денари и во врска со тој факт, на мои прашања велеше: ‘Јас не видов кому и кој ги пратил парите’. Тие пари, јас ќе се согласам со обвинителот за една работа, тие пари се легални. Е сега не ми е јасно како тие исти средства кои биле легални, а биле префрлени според договорот, сега се трансформираат во измама? Кога ќе го прочитате записникот ќе видите дека дава одбрана, бидејќи беше уплашена. Истото го правеше и сведокот Кухар“, праша Дуковски.

Нему не му е јасно како без доказ е посочено и прифатено дека некој и ги земал 719.000 евра од Лилјана Тодоровска која била автор на проектот, особено што таа кажала дека дејствието се случило во банка, среде град.

„Барем една снимка да имаше од надзорна камера. Не може вакво тврдење без никаков доказ. Тоа значи дека можеше да каже дека и од мене ги земала парите“, кажа Дуковски.

Тој цитираше и одредби од договорите со кои вели дека Обвинителството кажува дека е направена измама. Според тоа, за неисполнување на договорот се предвидени плаќање на пенали.

„Се поставува прашањето каква е измамата? Во што се состои доведувањето во заблуда? Од чист облигационен однос правиме измама, а покрај тоа и перење пари, кое е омилено кривично дело на Обвинителството за гонење на организиран криминал“, праша Дуковски посочувајќи дека имало состаноци, стручни лица.

Прв човек на Меѓународен сојуз по функција е Агапи Дика, бидејќи е претседател на Собрание кој избира претседател на правното лице, односно го избира Бојан Јовановски, рече Дуковски на кого не му е јасно како Јовановски е обвинет, а Дика е сведок против него.

За асистенката Христина Блажевска кажа дека не е докажано дека му дала пари на Бојан Јовановски, ниту пак, дека била во банка со Лилјана Тородовска за да и ги земе парите кои ги извадила од сметката.

„Во Америка да се случувало за ова, за тој паричен износ, Лилјана Тодоровска би пријавила. Ако има навистина таков настан сигурно таа би реагирала, Комерцијална банка има обезбедување би реагирало. Блажевска не смее да биде обвинета. Каде е доказот за помагањето?“, објасни Дуковски.

Во врска со Миле Јовановски, адвокатот Дуковски кажа дека докажале дека не перел пари, туку истите му се од продадени два станови и дуќан: „Доставивме доказ за потекло на парите. Доставивме решение за денационализација и најважно се имотните листови во однос на семејното земјиште во Препа каде се занимаваат со одгледување на јаболка. Тој продавал на сите пазари, во Македонија и Србија. Не е доволно да речете дека е без призводи“.

Бизнисмените Ардијан Амзовски и Силјан Мицевски во својство на оштетени странки пред судот во „Меѓународен сојуз“ каде и сведочеа, си ги бараат парите кои ги дале за изградба на старечки домови. На рочиштето каде се даваат завршни зборови, во нивно име, зборуваа адвокати кои добија полномошно да ги застапуваат.

„Се приклучувам кон кривичниот прогон, пред јавувам отштетно побарување. Пред јавувам и трошоци“, рече Маја Дојчиновска, адвокатка на Силјан Мицевски кој е управител на „Пелистер“.

И адвокатката за која судијката кажа дека е полномошник на Ардијан Амзовски најави дека си бараат оштета од обвинетите

„Како полномошник на Ардијан Амзовски, останувам кон истакнатото побарување како и кон обвинителниот акт. Пред јавувам трошоци во постапката“, рече адвокатката.



Спонзорирани линкови

Маркетинг