Ковачевски: Проширувањето на ЕУ со Западен Балкан веќе е и стратешко и безбедносно прашање

Макфакс

14/03/2022

15:36

1.552

Големина на фонт

а а а

Кристално јасна европска перспектива за Северна Македонија ќе значи регионална стабилност и забрзан развој, порача денеска претседателот на Владата, Димитар Ковачевски на средбата со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската Комисија, Жосеп Борел, кој се наоѓа во работна посета на нашата земја.

Ковачевски подвлече дека во време на голема нестабилност која е резултат на воената агресија на Русија врз Украина, како никогаш досега се јавува потребата Европа да биде обединета, силна и целосно подготвена да ги одбрани демократските вредности на чии темели е изградена. Тој потсети дека Северна Македонија, како членка на НАТО и земја-кандидат силно ја осуди воената агресија на Русија врз Украина и ги активира санкциите кон Руската Федерација.

Според премиерот, Европската унија и сите земји членки треба да делуваат стратешки и храбро и да повикаат на интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.

„Сегашната состојба на статус-кво никому не оди во прилог“, подвлече Ковачевски, додавајќи дека со бугарскиот премиер, Кирил Петков градат мостови на пријателство и нови можности за соработка со цел решение на спорот.

Македонскиот премиер повтори дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан сега веќе е и стратешко и безбедносно прашање. Тој предупреди дека овие држави се тесно поврзани, па блокадата на пристапните преговори со Северна Македонија со ЕУ се чувствува низ целиот регион.

„Оставањето геостратегиска празнина во нашиот дел од Европа не е опција. Брзата интеграција на Северна Македонија и регионот ќе обезбеди стабилност, но и развој на Европа. Потребни ни се предвидливи, веродостојни, засилени и забрзани процеси на интеграција во ЕУ“, порача Ковачевски.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, се согласи дека е потребен почеток на преговорите за пристапување на Македонија и Албанија, но истакна дека не може да вети датум оти проширувањето не може да продолжи ако е попречено од билатерални прашања.



Спонзорирани линкови

Маркетинг