Анализа на Ивор Мицковски за Дојче Веле: Путин ја добива битката, но најверојатно ќе ја загуби војната!

Точка

25/02/2022

10:16

116.569

Големина на фонт

а а а

Парадоксално, токму победата на Москва на терен и враќањето на Украина под нејзина контрола, најверојатно ќе ја осуди Русија на пораз.

Прашањето кое многумина од нас си го поставувавме оваа недела е дали автократот од Кремљ е самоубиствен лудак и ќе измаршира директно до Киев или пак кај рускиот претседател ќе превладее здравиот разум?

Потегот од понеделникот, да ја признае независноста на сепаратистите од Донбас, со сите пропратни идеолошко-историски небулози околу Украина, сепак имаше некоја своја „путиновска“ логика и потсетуваше на сценариото од Грузија. Путин на тој начин, со еден потег и без испален куршум трајно ја дестабилизираше Украина, го погази нејзиниот суверенитет и интегритет, ја „одпризна“ од заедницата на независни држави, и со анексијата ја осуди на неможност да влезе кога и да било во НАТО. Генијално, што би рекол Трамп?!


Коцката и така ќе беше фрлена од страна на Путин. Русија секако ќе беше мета на умерени санкции, Западот можеби малку ќе се поделеше околу нивната примена и намена, но Путин ќе го примораше Киев на опасна по нив иницијатива и мирно ќе очекуваше предлог за поволни по него преговори околу новиот безбедносен поредок во Европа. Ете, тоа колку и повторно да беше една дрска и нелегална анексија, сепак не предвидуваше тотална војна и конфликт за кој тешко можеме да предвидиме како ќе се развива или како ќе заврши, пишува Дојче Веле.

Путин одбра да донесе војна

Но, Путин ја одбра воената и лудачка опција. Путин одбра да донесе војна во срцето на Европа. Не сајбер војна, не хибридна војна, туку онаа традиционална и конвенционална војна, која Западот мислеше дека ја надминал и заборавил. Инвазијата на Украина, без разлика дали ќе се претвори во воена окупација или анексија на териториите источно од Дњепар, потсетува на потезите на Хитлер кон Чехословачка и Полска на почетокот на Втората светска војна. Но, со таа разлика што овојпат Западот не делува дека е подготвен да се фати за оружје и да влезе во воен конфликт со Путин.

Зошто Путин се одлучи на речиси сигурна воена и тактичка победа на почетокот на конфликтот, но и ризик кој навестува една долга и исцрпувачка стратешка битка со Западот, во која Русија најверојатно на крајот ќе биде поразена?

Прво, најверојатно затоа што Путин не видел или веќе не гледал никаков позитивен исход од преговорите со Америка. Втората причина веројатно лежи во стравот на Путин дека во периодот што следува НАТО ќе изнајдеше некаков начин да влезе во Украина, не во формална смисла, туку со специјални сили, воени обучувачи и најмодерно вооружување. Оттука, Путин се одлучи да нападне сега и веднаш, пред Украина да стане пресилна за воена конфронтација. Третата причина е веројатно најважна и таа е многу лична за Путин, со цел да не заврши во историјата како рускиот лидер кој ја изгубил Украина, но и со цел да ја зацементира својата власт и авторитет во домашните политички кругови и во општеството.


Оттука, излегува дека и лудачките потези имаат некој свој метод и дека станува збор за пресметан ризик. Проценката на Путин во голем дел сигурно се базира на посебниот момент кој владее во Америка, која политички и општествено е поделена и поларизирана и каде јавноста воопшто не е благонаклонета кон нови војни каде било во светот, најмалку за една Украина. Кога другпат Путин би имал ваква шанса без воени реперкусии, кога другпат би наишол на поделен Запад и на ваква можност? Затоа овој напад за Путин се има претворено во опција - сега или никогаш!

Вистинскиот проблем за Путин ќе дојде одвнатре

Но, повеќе од Америка или НАТО, верувам дека вистинскиот проблем за Путин ќе дојде одвнатре. Многу ќе зависи од исходот на овој „Shock and Awe“ напад, дали војната во Украина од „блицкриг“ ќе се претвори во еден долг и исцрпувачки конфликт, дали можеби Украина со герилска војна и силен застој ќе се претвори во еден нов Авганистан за Москва и слично? Во едни такви услови ситуацијата би можела драстично да се промени и за Русија и особено за Путин кој тогаш би ризикувал да биде дефенстриран.

Тоа што е сигурно и рационално предвидливо, без разлика што тука толкуваме едно пред сѐ лудачко сценарио, е дека во првата фаза од конфликтот, што воено, што преку сајбер напади, пропаганда и економско исцрпување, Путин ќе успее да инсталира во Украина некаква си проруска Влада. Западот нема да војува, но ќе реагира со сериозни економски и финансиски санкции. Во исто време, Западот ќе го засили воено присуство и воените инсталации во Балтичките држави и во Полска. Со тоа целта на Путин да го намали НАТО-присуството на своето западно крило, ќе предизвика сосема спротивен ефект. Во ова сценарио Москва ќе ја поврати Украина под своја контрола, слично како и Белорусија, но ќе го зајакне НАТО кое се подготвува да ги прими и Шведска и Финска во скоро време.

Повеќе прочитајте ТУКА.



Спонзорирани линкови

Маркетинг