Зошто Путин рано утринава одлучи да ја нападне Украина: Дописничка на „CNN“ од Москва ги анализирала причините за почетокот на војната

Точка

24/02/2022

18:11

105.409

Големина на фонт

а а а

Дописничката на „CNN“ од Москва, Џил Доерти, за оваа медиумска куќа ја анализирала одлуката на Путин утрово да ја нападне Украина и со тоа да ги обвистини оние застрашувачки закани кои ги изнесуваше во јавноста цели 3 дена.

„Пред зори, непосредно пред да започнат експлозиите во градовите ширум Украина, руската државна телевизија неочекувано емитуваше обраќање на рускиот претседател Владимир Путин.

Двете самопрогласени „народни републики“ Доњецк и Луганск, во отцепената украинска област Донбас, кој тој официјално ја призна како независна пред помалку од 2 дена, „се обратија на Русија за помош“, рече Путин.

За да одговори на тој повик, тој започна „специјална воена операција“ со цел да ја „демилитаризира“ и „денацифицира“ Украина“, пишува дописничката на „CNN“ од Москва и продолжува:

„За неколку минути, руските ракети почнаа да гаѓаат цели во Украина. „Нашите акции се самоодбрана од закани“, им рече тој на своите сограѓани Руси, тврдејќи дека Москва нема планови да ја окупира Украина.

„Не планираме никому да се наметнуваме“, инсистираше тој.

Путин ја опиша „специјалната воена операција“ во ограничени рамки, за да ги заштити луѓето што живеат во Донбас, кои, како што тврди, биле подложени на „геноцид“, обвинување кое Украина силно го негира. Но, со следниот здив, тој поопширно додаде: „НАТО ги поддржува украинските неонацисти... нашите акции се самоодбрана од закани“.

Потоа директно им се обрати на припадниците на украинската војска, токму во моментот додека биле на нишан на руската војска. Обраќајќи им се со „драги другари“, Путин им рече дека „положиле заклетва за верност на украинскиот народ, а не на антинародната хунта која ја ограбува Украина и ги злоставува тие исти луѓе“.

„Не ги следете нејзините криминални наредби“, побара Путин од нив.


„Ве повикувам да го положите оружјето и да си заминете дома“.

Како што тоа го правеше многу пати претходно, рускиот претседател тврдел дека Русија нема друг избор освен да се брани. Со остар тон, се чинеше дека им се заканува на САД, Европа и НАТО кои за само неколку минути ќе бидат сведоци како неговите вооружени сили отвораат оган врз Украина, нешто што Кремљ доследно го отфрлаше како западна „хистерија“, пишува дописничката Доерти.

„Кој ќе се обиде да се меша, а уште повеќе, да се заканува на нашата земја, на нашиот народ, треба да знае дека одговорот на Русија ќе биде моментален и ќе ве доведе до такви последици што никогаш не сте ги доживеале во вашата историја. Подготвени сме за каков било развој на настаните. Донесени се сите неопходни одлуки во врска со ова.

Путин, кој со години го критикуваше Западот дека ги игнорира неговите критики за проширувањето на НАТО кон руските граници, конечно возврати со бесен удар.

„Се надевам“, го заклучи Путин своето обраќање, „дека бев слушнат“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг