Анализа каква што ретко се гледа во западните медиуми: Како бомбардирањето на СР Југославија послужило како увертира за хаосот во Украина

Точка

17/02/2022

22:42

92.291

Големина на фонт

а а а

Додека Европа чека да види дали ќе избие нова војна, авторот на ”NewYorker” Маша Гесен го анализирал бомбардирањето на СР Југославија во 1999-та година и неговите последици на ситуацијата во Украина.

Со недели луѓето во Украина, и некои луѓе во Русија, се заглавени во чистилиштето на двоумењето. Од една страна, медиумите, посебно западните, секој ден известуваат за групирање на руски трупи во близина на границата со Украина и пренесуваат предупредувања на разузнавачките служби дека инвазија од големи размери е реална закана и дека веројатно е неминовна. Западните амбасади ги евакуирале семејствата на дипломатите од Киев. Потоа евакуирале непотребен персонал. Потоа во текот на викендот САД ги повлекле своите воени тренери од Украина и им наложиле на своите граѓани да ја напуштат земјата. Во понеделникот ја преселиле амбасадата од Киев во Лавов. Холандската авио-компанија КЛМ ги прекинала летовите за Украина.

Од друга страна, голема војна (за разлика од пукањето на истокот кое веќе осум години секојдневно носи жртви) е незамислива. И украинската и руската влада постојано ја намалуваат веројатноста од војна и ги прекоруваат новинарите кои шират страв. Истакнатиот украински истражувачки центар со кој раководи поранешен министер за одбрана објавил два извештаи, во период од три недели, тврдејќи дека успешна руска инвазија од големи размери се уште не е изводлива. Сите разбираат дека војната би била крвава и бесмислена - Русија сигурно не сака да окупира една од најсиромашните земји во Европа, во која живеат 43 милиони луѓе, од кои повеќето ја мразат Русија. А во време на мир, па дури и кревок - многу е тешко да се замисли таква војна.

Кон крајот на јануари престојував во Украина со, меѓу другите, Наталија Гуменјук и Пјотр Рузавин, брачен пар. Гуменјук е водечка украинска новинарка. Рузавин е руски истражувачки новинар. Една вечер, Гуменјук кажа: „Невозможно е да се замислат воздушни напади на Киев.“. Пред да успеам да се сопрам, изговорив: „Како што некогаш не беше замисливо да се бомбардира Белград“. Мислев на кампањата на НАТО во СР Југославија, кое го покривав на терен. Бев на терен кога првата бомба падна во Белград, и незамисливото стана замисливо. Рузавин тогаш бил во основно училиште, но разбрал. "На тоа се враќаат веќе 23 години, сите овие години пропагандната машина на Кремљ го користи бомбардирањето на Белград во 1999-та како точка за споредба и оправдувања", пишува "Newyorker".


Во вторникот рускиот претседател Владимир Путин повторно се вратил на тоа. Во текот на конференцијата за новинари која уследила по разговорот со германскиот канцелар Олаф Шолц, германски новинар го прашал Путин "дали ќе има војна во Европа?" на што Путин му одговорил: „Канцеларот само што кажа дека луѓето од неговата генерација тешко можат да замислат војна во Европа. Но, и јас и вие бевме сведоци на војна во Европа, таа во Југославија, која ја започна НАТО. Тоа беше воена операција од големи размери која вклучуваше воздушни удари на европска престолнина, Белград. Тоа се случи, зарем не?“.

Путин во саботата еден час разговарал со претседателот Џо Бајден телефонски, на барање на Бајден. После тоа, советникот на Путин за надворешна политика, Јуриј Ушаков, им рекол на новинарите дека Путин му дал на Бајден преглед на односите меѓу САД, Русија и НАТО.

„Рускиот претседател забележа, на пример, дека во текот на Студената војна Советскиот сојуз и САД биле тотални противници, но, да кажеме, во 90-тите години бевме како пријатели, па дури и тогаш САД и НАТО не беа воопшто конструктивни во своите односи кон Русија“, додал Ушаков.

НАТО предводен од САД на 24-ти март 1999-та година го започнал бомбардирањето на Југославија за да го принуди српскиот лидер Слободан Милошевиќ да го прекине насилството на Косово и да ја повлече српската војска и полиција од регионот. Оној ден кога кампањата почнала, Јевгениј Примаков, тогашен руски премиер, бил на пат за САД, надевајќи се дека ќе добие заеми од ММФ и повторно ќе преговара за условите за милијардите долари долг од советското доба. На патот му се јавил на потпретседателот Ал Гор да го моли да ги прекине нападите. Три часа подоцна Ал Гор јавил дека нападите се неизбежни и дека Русија не се прашува ништо. Примаков го завртил својот авион над Атлантикот и се вратил во Москва. Така била завршена ерата на соработка и аспиративно пријателство меѓу САД и Русија која започнала по Студената војна. За Русија, тој прекин на патувањето бил прв пат во пост-советска Русија да го побара своето право да биде сослушана.


70-дневното бомбардирање на Србија било без преседан на повеќе начини, пишува Гесен. Почнато е без санкции од Советот за безбедност во ОН. Владите учесници и голем број медиуми го претставиле како хуманитарна интервенција. (Не сум единствениот кој таа фраза ја доживува како оксиморон. Проверив со Лоренс Даглас, професор на Амхерст колеџот кој опширно пишуваше за правото и војната). „Војна како хуманитарна интервенција звучи толку бизарно и може да се користи како оправдување за секој вид на агресија“, рекол тој. Интервенцијата беше таква што не дозволуваше можност за жртви кај НАТО. Авионите бомбардери на почетокот летале на висини до кои српската ПВО не можела да дојде. Можеби и поради висината авионите на НАТО неколку пати бомбардирале цивили.

Пред кампањата да заврши, Луиз Арбур, тогаш главен обвинител во Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, именувала група за истрага на наводите за воени злосторства кои ги извршиле сојузниците на НАТО. Групата документирала неколку случаи во кои имало повеќе цивилни жртви: сојузниците бомбардирале патнички воз, конвој бегалци, едно село на Косово, а во Белград и кинеската амбасада и седиштето на РТС. Се чинело дека првите четири биле грешка, додека РТС била мета како извор на српска пропаганда. Во времето кога извештајот бил завршен, Арбур го завршила својот мандат во "ICTY", а нејзината наследничка Карла дел Понте одлучила да не отвори кривична истрага. „Немаше шанси Карла дел Понте да поднесе обвинение против самите нации кои го финансираат ICTY“, рекол Даглас. „Да, навистина, САД и Велика Британија можеа само да го укинат Трибуналот“.

Меѓународното право дозволува воена акција под две сценарија: Ако нација или нации делуваат во самоодбрана или ако се под санкции на СБ на ОН. Сепак, некои академици тврдат дека бомбардирањето на СРЈ било легално.


Трудот објавен во Параметри, тримесечна публикација на Воениот колеџ на американската војска, во 2000-та година предложил некој вид "природен закон за оправдување на војна, меморандум кој во британскиот парламент го поднел професорот по право на Лондонското училиште за економија, тврдел, всушност, дека војната била легитимна дури и без одобрение од Советот за безбедност. „И натаму ќе најдете значаен број на правни научници кои ќе кажат: Треба да признаеме дека меѓународното право не е лудачка кошула“", ми кажа Даглас. "Но ако законот е само препорака, тогаш тоа не е закон. Законите важат за нив, но не важат за нас" не е начин на кој функционира еден правен режим. Бомбардирањето на СРЈ направи меѓународното право да изгледа како фарса. Тоа се однесува само на слабите".

Русија немала директен удел во целата приказна освен нејасни, сентиментални идеи за сродноста со Србите бидејќи тие, како и Русите, се православни (како и повеќето Украинци, но тоа веќе не е важно). Во руското сеќавање, меѓутоа, војната на НАТО била напад на Русија бидејќи покажала дека Русија повеќе не е важна.

Тој мај, претседателот Борис Јелцин претседавал со воена парада на Црвениот плоштад, спектакл кој бил драстично помал од распадот на СССР. Но, во текот на последните 20 и повеќе години, годишната парада по повод Денот на победата станувала се повеличенствена и се позаканувачка, со тенкови во центарот на Москва и борбени авиони кои кружат со денови. Кон крајот на 1999-та, Владимир Путин станал претседател на Русија. Неговиот подем не бил одреден со бомбардирањето на СРЈ, но го искористил бранот на нов национализам и доследно црпел од резервоарот на огорченост разбуден од војната.


Долготрајната кампања на закана кон Украина на Путин делува како одложен одговор на бомбардирањето. Претседатели и премиери бараат да разговараат со Путин - Емануел Макрон одлетал во Москва и седел со Путин пет часа. Бајден барал телефонски разговор со Путин во сабота наместо закажаниот во понеделник. Шолц пристигнал во вторник и изгледа дека секој разговор ја нагласува поентата дека никој не може да направи ништо за да го спречи. Рускиот парламент во вторникот одобрил резолуција со која од Путин се бара да ја признае државноста на сепаратистичките региони во источна Украина, што е потег кој нивниот статус би го направил сличен на статусот на Косово по кампањата за бомбардирање. Руските медиуми тврдат дека Украина ги дискриминира етничките Руси и оние кои зборуваат руски. Некои политичари го користат и зборот "геноцид". Путин би можел да го искористи како изговор за антируско насилство и да започне голема војна во Украина и да покаже колку НАТО е летаргичен и неефикасен, колку е ЕУ поделена и дека никој не може да ја заштити Украина од Русија.

За него, цената на таа војна - економски колапс, неописливи загуби на животи и целосна изолација на Русија од Западниот свет – можеби би била вредна ако го исправи текот на историјата.

Бомбардирањето на Југославија покажа дека се е можно, вклучувајќи и бомби кои паѓаат на град чии жители не можеле да поверуваат дека војната ќе дојде до нив. Ако Путин на крајот престане да ги забавува западните преговарачи и започне војна, смртта и бедата која таа ќе го предизвика ќе биде негова одговорност. Но светот во кој таквата војна е можна заеднички го исковале Русија и САД, пред 23 години, пишува "NewYorker".



Спонзорирани линкови

Маркетинг