Песков: Не е првпат САД да објавуваат наводни руски планови

Точка

04/02/2022

19:57

3.861

Големина на фонт

а а а

Не е прв пат во САД да се објавуваат материјали за наводни руски планови да се нападне Украина, но никогаш ништо од тоа не се случило, рекол портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков коментирајќи ги изјавите во американските медиуми за наводните планови на Москва да измисли украински напад како изговор за "инвазија".

„Ова не е прво такво ветување. И претходно кажуваа слични работи. Но никогаш ништо не се случува“, рекол вчера Песков, пренесува "TASS".

Портпаролот на Кремљ ги осудил овие изјави како празна и неоснована ескалација на тензиите, истакнувајќи дека Русија не претставува закана за никого.

Истовремено, Песков не ја исклучил можноста за провокации за да се оправдаат таквите тврдења и предупредил дека обидот украинската криза да се реши со сила ќе има многу сериозни последици, наведува "TASS".

Разузнавачките службеници во САД веруваат дека Русија направила план за сценирање на инцидент со кој би оправдала инвазија на Украина, објавиле денеска два американски весници, повикувајќи се на извори кои се запознаени со тоа.


Русија разгледува неколку опции кои би и дале изговор за инвазија на Украина, меѓу кои е и монтирана видео снимка која прикажува тешки последици од експлозија, вклучувајќи и опрема која наводно и припаѓа на Украина или на членките на НАТО, соопштил портпаролот на Стејт Департментот Нед Прајс и неименуван висок службеник од Администрацијата на Бајден, пренесува "VOA".

Во Пентагон, портпаролот Џон Кирби исто така зборувал на оваа тема.

„Имаме информации дека Русите би можеле да фабрикуваат предуслов за инвазија, што е добро познато кога станува збор за начините на кои тие ги вршат работите“, рекол Кирби.

„Веруваме дека тоа пропагандно видео би можело да покажува снимки од мртви луѓе и актери, да прикаже уништени локации, како и воена опрема во рацете на Украина или Западот - и би требало да побуди чувство на жалење“, рекол портпаролот на Пентагон.


"New York Times" објавил дека планот на Русија вклучува користење на лажна видео снимка, која би содржела сценирање и снимање на измислен напад на украинската војска, дали на руска територија или на луѓе кои зборуваат руски на истокот на Украина, а "Washington Post" објавил дека американските разузнавачки служби ја отстраниле ознаката за тајност од деталите за таквиот план и се очекува тој да биде објавен денеска, пренесува "Reuters".

„Не знаеме дали е тоа патот по кој Русија ќе оди, но знаеме дека тоа е опција која се разгледува, тоа би вклучило одреден број на луѓе кои ќе глумат ожалостени, поради луѓето кои се убиени, како и распоредување на мртви тела, со кои би се потврдиле жртвите во инцидентот кој Москва сама би го конструирала“, соопштил заменик американскиот советник за национална безбедност Џонатан Фајнер во интервју за американски "MSNBC", како одговор на новинските извештаи.

Русија вчера ги обвинила САД дека го зголемуваат тензиите и ги игнорираат повиците на Москва за ескалација на тензиите околу Украина, ден откако Вашингтон најавил дека ќе прати речиси 3.000 дополнителни војници во Полска и Романија.

Москва истовремено ги негира плановите за инвазија, но собрала илјадници војници на границата со Украина, наведува "Reuters".