Изградбата на нуклеарно оружје може да биде „план Б“ на Јужна Кореја во сè по „непредвидливо“ безбедносно опкружување, изјави во средата јужнокорејскиот министер за надворешни работи. Изјавите на министерот за надворешни работи Чо Тае-Јул укажуваат на тоа дека американскиот сојузник може да се откаже од неодамнешната заложба од времето на Бајден да не развива нуклеарно оружје, пишува USA Today.
Иако самиот Чо истакна дека неговата дискусија за нуклеарниот план Б е „прерана“, некои во Сеул се прашуваат дали Трамп е подготвен да го одржи американското ветување дека ќе го брани својот сојузник – со нуклеарно оружје доколку е потребно – против нуклеарно вооружената Северна Кореја.
Сепак, како што пренесува USA Today, водечки експерт за односите Вашингтон-Сеул, Виктор Ча од Универзитетот Џорџтаун и тинк-тенк Центарот за стратешки и меѓународни студии, го минимизираа значењето на изјавите на Чо.
„Би било природно корејски функционер да каже дека сите опции се на маса во овој момент на голема неизвесност“, изјави Ча за USA TODAY. „На крајот, таквите одлуки за нуклеаризација би биле донесени само како одговор на некоја голема промена во безбедносната посветеност на Америка кон Кореја. Ча понатаму истакна дека претставниците на Трамп „не покажуваат тренд“ кон намалување на безбедносната поддршка досега.